Договорено: Милан го купува „новиот Кака“ за 35 милиони евра

Минаа 15 години откако Леонардо како „шеф на операции за бразилскиот пазар“ ги натера челниците на Милан да го доведат Рикардо Кака на „Сан Сиро“. Берлускони и Галијани никогаш не зажалија за тој потег, откако момчето што ги чинеше само 8,5 милиони евра прерасна во клупска легенда, носејќи бројни трофеи на црвено-црниот клуб од Милано. Една и пол деценија подоцна, Леонардо е прв оперативец на Милан, а Бразилецот повторно се обидува да донесе клучно засилување токму од својата татковина.

И како што јавуваат италијанските медиуми, тој трансфер е договорен – Милан излезе како победник од трката по Лукаш Пакета, фудбалерот на Фламенго чии настапи во последните две години ги следеа скаути на речиси сите европски гиганти. Во изминатиот период до Фламенго пристигнаа неколку конкретни понуди, но Леонардо успеа да постигне договор со овој клуб откако директорот Бруно Спиндел мина неколку дена во Милано, при што беа разрешени сите дилеми околу трансферот. Во преговорите бил вклучен дури и Кака, кој го убедувал Пакета зошто Милан би бил вистинскиот избор за неговата кариера.

Милан ќе плати 35 милиони евра за овој суперталентиран офанзивец, плус уште десет милиони преку неколку клаузули, а Фламенго вклучил и клаузула за процент од евентуален нареден трансфер на Пакета. Се најавува дека фудбалерот во текот на оваа седмица ќе пристигне на лекарски прегледи во Милано, потоа ќе се врати назад во Бразил до крајот на декември, за трансферот официјално да стапи на сила на почетокот од 2019 година, со стартот на јануарскиот преоден рок.

Се вчитува...