Докузовски: Распоредот на натпреварите е проблем, но не и оправдување за поразот

Тренерот на Работнички, Марин Докузовски, истакна дека неговиот тим загуби на издржливост, додека противникот имаше слобода да ротира, и успешно го направи тоа стигнувајќи до втор триумф во полуфиналната серија од плејофот. Сепак, неговите критики одат за распоредот на натпреварите, смета дека нема доволно време за одмор, но тоа не може да биде и оправдување за синоќешниот пораз.

„Моите играчи се обидоа да се вратат психолошки по првиот несреќен пораз, а Соколи го искористија поголемиот фонт на играчи, повеќе ротираа, па мислам дека тука се реши натпреварот. Париравме колку што можевме ’пет на пет’, но тие имаат поквалитетни играчи на клупата. Соколи и пред овој натпревар беа фаворити, ние игравме колку што можевме, но тешко дека можеме да играме ден за ден. Не знам од кои причини КФМ го направи ваков распоредот, ние за пет дена треба да одиграме три натпревари, наместо да одиграме два меча, па да одмориме неколку дена. Но, тоа не е оправдување, Соколи заслужи да победи, го контролираа целиот меч. Ние пробавме неколку пати да се вратиме резултатски, но не издржавме до крај. Во следниот меч ќе се обидеме да се реваншираме, Работнички не се откажува така лесно“ – изјави Докузовски.

Се вчитува...