Докузовски: Заслужено сме први, но за титула требаат нови засилувања

Работнички е единствениот тим што по шест кола има максимални шест победи во домашното првенство, па јасно е задоволството кај Марин Докузовски и неговите избраници по денешното одлично издание и заслужената победа над Блокотехна.

Мислам дека ова беше прв сериозен натпревар за нас, јас се плашев бидејќи досега објективно имавме многу полесни противници. Тоа придонесе многу добро да се подготвиме на тактички план, одигравме беспрекорно пред се во одбраната. Во нападот сите се свесни дека може да биде многу подобро, бидејќи промашивме многу отворени шутеви кои беа од изработени акции. Заслужено победивме и заслужено сме без пораз во досегашниот дел од сезоната“ – истакнува Марин Докузовски.

Противникот играше извонредно во нападот од стартот на сезоната, но Работнички вечерва извонредно ги неутрализираше нападите на Блокотехна, дозволувајќи само 25 поени во првото полувреме.

Блокотехна е екипа која како што видовте на крајот многу лесно влегува во брз ритам со лесни поени од контранапади. Ние го неутрализиравме тоа нивно оружје, исто така одлично одигравме одбрана на Мијатовиќ, кому не му ги дозволивме леснсите шутеви што вообичаено ги има на натпреварите. Би рекол и дека го изненадивме противникот со тоа што се решивме со Чавдар Костов како чувар на Бенџамин, севкупно гледано играта во одбрана ни беше извонредна“ – задоволен е „докторот“ од „Градски парк“.

Задоволни се и навивачите, кои по натпреварот гласно скандираа „Сакаме титула“. Според Докузовски, патот до трофејот ќе биде тежок, а за него неопходни се уште неколку квалитетни кошаркари во тимот..

„Мислам дека е многу рано да се говори за титула. Објективно гледано ние денеска игравме со шест играчи, за да се атакува на трофејот неопходен е поширок ростер, па јасно е дека ќе треба да земеме и нови засилувања во периодот што следи“ – изјави Докузовски.

Се вчитува...