Дончиќ му одржа лекција и на Кари, ЛА Лејкерс заборавија да победуваат

Лука Дончиќ одигра уште еден маестрален натпревар во НБА-лигата, предводејќи го Далас маверикс до триумф во големата пресметка со Голден Стејт, со резултат 122-113. Фактот дека на спротивната страна го имаше Стеф Кари беше само мотив повеќе за словенечкиот кошаркар, кој одигра извонредно реализирајќи 41 поен, надополнети со десет скока и девет асистенции. Пул беше најефикасен во таборот на Голден Стејт со 23 поени, додека Кари беше под својот просек постигнувајќи скромни за него 21 поен.

ЛА Лејкерс ги очекува жестока битка за место во плејофот откако „езерџиите“ го загубија и четвртиот меч во низа, од градскиот ривал ЛА Клиперс со 132-111, по што Леброн и компанија паднаа на деветтото место во Западната конференција. Пресудна беше третата четвртина што ЛА Клиперс ја добија со преубедливи 40-18, трасирајќи си го патот кон седмата победа во низа над градскиот ривал.

Интересно беше во Атланта, каде домаќините со пресврт во второто полувреме го совладаа Чикаго со 130-124. Најзаслужен за победата беше Тре Јанг, кој постигна 39 поени и 13 асистенции (16 поени само во последната четвртина).

Резултати НБА:

Атланта – Чикаго 130-124, Бостон – Мемфис 120-107, Бруклин – Мајами 107-113, Торонто – Детроит 106-108, Далас – Голден Стејт 122-113, Сан Антонио – Сакраменто 112-115, ЛА Клиперс – ЛА Лејкерс 132-111.

Се вчитува...