Тренерот на Аталанта, Џампјеро Гасперини, се најде во центарот на допинг-скандал во Италија откако обвинителството побарало тој да биде казнет со 20 натпревари суспензија поради прекршувањето на протоколите. Тој е обвинет за попречување на тестирањето на своите фудбалери, но и за навреди кон службените лица од антидопинг-агенцијата во Италија, која впрочем и го покренала обвинението против него.
Инцидентот се случил на 7 февруари, информира весникот „Газета дело спорт“, кога антидопинг-комисија ненајавено пристигнала на тренингот на Аталанта и побарала да бидат тестирани четири фудбалери на овој тим.
Биле избрани и четирите играчи, но хаосот настанал кога Гасперини дознал за посетата. Тој најпрвин влегол во просториите каде се вршело тестирањето, ги нападнал членовите на комисијата , го навредувал инспекторот со нив, за на крајот да го прекине тестот и да го викне фудбалерот назад на тренинг. Играчот потоа се вратил на тестирање по убедувањето на Гасперини со клупскиот лекар, но антидопинг-комисијата е бесна на ваквото однесување на искусниот стручњак.
Поради ова, против него е поднесено обвинение со кое се бара суспензија од 20 натпревари. Иако се чини дека оваа максимална казна нема да биде изречена, сепак, за очекување е Гасперини да биде казнет со најмалку пет меча неводење на својот тим, што би бил сериозен удар за Аталанта во борбата за обезбедување на место во Лигата на Шампионите.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА