Драго Чосиќ препродавал билети за СП во Русија?

Познатиот спортски коментатор на Хрватската телевизија, Драго Чосиќ, кој беше известувач од Светското првенство во Русија, наводно бил дел од мрежа која нелегално продавала билети за Мундијалот на црно. Цената на влезниците за дуелот меѓу Франција и Хрватска, кои биле понудени на продажба,  изнесувала речиси 20.000 евра, а се тврди дека на црниот пазар биле понудени четири вакви влезници. Билетите, сепак, не биле продадени.

Скандалот го открила ФИФА која од Европската бродкастинг унија побарала објаснување како билетите кои биле наменети за ЕБУ се нашле на црниот пазар. Потоа ЕБУ, преку сериските броеви  констатирала дека се работи за влезници кои и биле доделени на Хрватската телевизија. ЕБУ потоа ја алармирала и ХРТ, а Драго Чосиќ е пред отказ.

„Од ЕБУ и од ФИФА дознавме дека двајца наши вработени, без знаење на куќата, побарале да им бидат испратени билетите кои и следуваат на ХРТ. Побарале вкупно 40 влезници, а потоа со нив располагале како што сакале. Двајцата се повикани на разговор. Рекоа дека ги поделиле на свои пријатели и оти не знаат што потоа се случило со билетите. Случајот може да заврши и со отказ за нив“ – објаснува извор од ХРТ.

Сепак, приказната на двајцата осомничени неуверлива ја прави фактот, што билетите биле побарани неколку месеци порано велат од Хрватската телевизија.

„Жал ми е, но ништо не можам да зборувам за овој случај“ – изјавил Чосиќ за хрватските медиуми.

Покрај него, осомничен е и шефот на одделот за меѓународна размена во ХРТ, Саша Девиќ.

 

Се вчитува...