Драма во „Пионир“ со среќен крај за Србија

Кошаркарските репрезентации на Србија и Летонија одиграа неверојатен натпревар во „Пионир“, а до победа стигнаа „орлите“ кои во драматичен финиш славеа со 101-100 на отварањето на квалификациите за Светското првенство 2023.

Незгодните гости одиграа одлично во нападот уште од самото отварање на натпреварот па по првите десет минути игра имаа предност од 28-33. До крајот на полувремето акцентот беше ставен на одбраната, но и покрај тоа што Србија успеа да стигне и до минимално водство (46-44), подобриот финиш на првите 20. минути им донесе предност на гостите на полувремето (52-56).

Неизвесниот натпревар продолжи и во второто полувреме, а и покрај тоа што двете репрезентации се менуваа во водството, ниеден тим не успеа да направи поголема предност од пет поени во третата четвртина која заврши со предност од еден напад за домаќините (77-75). Летонија повторно одигра на високо ниво во нападот во последните десет минути по што во еден момент стигна до предност од 79-86.

Србите не се предадоа, напротив се вратија во мечот, а победата ја донесоа Марко Јагодиќ-Куриџа кој реализираше за 101-100 од линијата за слободни фрлања и Алекса Раданов кој украде топки во последниот напад на средбата кој му припадна на гостинот.

Милош Теодосиќ беше прво име кај Србија со 21 поен и 9 асистенции, а него го следеше Аврамовиќ со 17 поени, 7 асистенции и 5 скока. Рихардс Ломазс беше лидер на гостите со 33 поени, а по 17 поени дополнија Бертанс и Гразулис.

Се вчитува...