Драмата на „Кале“ со среќен крај за Феникс 2010 – Џоунс донесе финале на две секунди пред крајот

Феникс 2010 е вториот финалист на меморијалниот турнир „Анте Дуковски“ откако во драматична завршница избраниците на Дервишевиќ славеа над Куманово со 62-63. Херојот на младиот тим е Куртис Џоунс кој со поени од поле на две секунди пред крајот на мечот донесе огромна победа за својот тим.

Двата тима се мачеа да го најдат напаѓачкиот ритам на самото отварање на средбата, меѓутоа како што одминуваа минутите Куманово и Феникс заиграа подобро, а на паркетот остана изедначеното темпо за минимана предност на Куманово по 10. минути игра (17-16). „Сино-белите“ и „виолетово-жолтите“ продолжија во истиот ритам и во поголемиот дел од првото полувреме со тоа што Куманово постојано ја одржуваше предноста. Избраниците на Ѓорѓиевски во еден момент истата ја зголемија на 34-25, но Феникс го затвори првото полувреме со серија од 4-0 за 34-29 пред „големиот одмор“.

Куманово продолжи онаму каде што застана на отварањето на второто полувреме па во еден момент стигна и до двоцифрена предност (45-35). Но, ни Феникс не се предаде. Избраниците на Дервишевиќ заиграа далеку подобро во одбраната, а преку Михајловски и Џоунс успеаја и да ја преполоват негативата за истата пред одлучувачката четвртина да изнесува 49-44.

Во последните минути следеше игра „кош за кош“ која ја прекина Феникс со агресивна одбрана, а на спротивната страна тимот од Маџари успеа да направи и вишок во нападот за превземање на водството (56-57). Феникс имаше шанса и за зголемување на предноста, но „виолетово-жолтите“ не успеаја да реализираат во следните три напади. Тоа го искористи Куманово кој ја врати преднсота преку слободните фрлања, а до крајот следеше нова игра „кош за кош“ во која победникот беше одлучен на две секунди пред крајот на мечот со поени на Џоунс.

Се вчитува...