ДРИБЛИНГ: А сега, дозволете…, да оставиме спортот да го славиме!

ДРИБЛИНГ

Владимир Булатовиќ

Помина ли еуфоријата? Ако помина, добро е… Не дека е лошо да постои еуфорија, тоа секогаш носи неопходен адреналин како потсетување дека сме луѓе, но опасно е ако долго трае. Затоа што науката дефинирала дека еуфоријата е болна состојба со субјективно зголемена возбуда, ведро расположение и безгрижност кои може да бидат опасни доколку долго траат. А ние сите, нели, не сакаме долго да сме ‘болни’, посебно во овие тешки времиња. Затоа добро е што ми се чини дека се стивна малку со онаа „информативна еуфорија“ по историскиот успех на фудбалската репрезентација и пласманот на Европското првенство.

По враќањето од Тбилиси, да бидам искрен, малку бев шокиран од информативниот пречек… Кога тргнувавме кон Грузија, тоа што јас го знаев е дека одиме да играме финале од Лигата на нации, силно сите посакуваме спортска победа на терен и конечно остварување на сонот – пласман на ЕУРО. Знаев и дека едно добро мнозинство во Македонија не ни знае што е тоа Лига нации, ниту за што играат македонските фудбалери, ниту пак зошто еве сега пак играме Лига нации кога веќе пред само два дена сме играле во финалето(!?)… Но, и не е важно. Кога се вративме од Грузија, по онаа огромна радост која ни ја приредија само Ангеловски и фудбалерите, и никој друг, вистински шок: Ајде што бројот на фудбалски фанатици енормно се зголемил до небеса наспроти постојаните плукања и по селектор и по фудбалери, и не само што сме ја победиле Грузија и сме обезбедиле ЕУРО, туку според едни сме обезбедиле победа и за сите загубени историски битки од минатото почнувајќи од времето на Александар Македонски, преку она на Цар Самоил па низ османлиското и бугарското ропство се до современата историја одмаздувајќи се на половина Европа, која се ни украла, и уште четвртина свет кој не сакал да не виде на ЕП, ама ете ние сме отишле! Според други, пак, сме добиле ‘огромна победа за сите албански интереси на овие простори затоа што половина репрезентација била Албанци’… А, според трети, победивме и за сите неправди кој и да помисли да ни ги направи во иднина. Што би се рекло, се победа до победа, во битките со ветерниците на нашето минато, сегашно и идно време!

Уште поинтересно, па некои колеги од информативни портали, најдоа и пораз во сите овие бројни победи. Пораз бил, ете, фактот дека вицепремиерот Артан Груби на пречекот на репрезентативците на Блаце го носел дресот со број 10 на Горан Пандев, а не на пример на Адеми, Барди, Алиоски, Муслиу, Бејтулаи… Па, тоа било ‘навреда за чувствата на албанските фудбалери во репрезентацијата’… Бре(!?). А, да ги прашате Адеми, Барди, Алиоски или сите други, гарантирам дека ниту еден ни на крај памет не би го помислил истото. Напротив.

А, да бидам искрен, за мене вистински пораз од тој пречек беше што кога веќе владиниот протокол, во ниедно време, организира таков пречек на граничен премин, е што на страната на медиумите, пред камерите и со микрофоните, не видов ниту еден колега од спортските редакции кои и заслужуваат да бидат дел од пречек на спортистите со кои живеат долги години катаден. Место нив, колеги од политичко-информативни редакции кои можеби и не се виновни што се нашле таму, но, да бидеме искрени, не би направиле разлика ако ги прашате кој е Трајковски а кој Тричковски, кој е Барди, кој Адеми а кој Алиоски… Но, нејсе, јасно ни е години наназад дека ние спортските новинари не сме доволно „паметни“ за владините протоколи кои и со тој пристап само покажуваат дека и пречекот бил за дневно-политичките потреби.

Знам јас дека кај нас е многу тешко само спортот како спорт да го славиме. Премногу фрустрации има навлечено на сите страни за да успееме некако убавината на спортот да не ја „зацрниме“ со сите можни политичко-општествени односи, сите геостратешки визии не само за регионот, туку и за светот… Многу теории на заговор, на пример, имаше и пред натпреварот со Косово. Ама, не се потврдија!

Но, добро е што сета „фејсбук и информативна еуфорија“ кратко трае, па на крај повторно оние кои го следат само спортот ќе си се вратат чисто на спортот. И, сите ние, повторно ќе остане само спортот да го славиме.

А, најголемата победа од мечот во Грузија, всушност, ќе биде моментот кога капитенот Горан, оној што направи „секој да си се чувствува победник на свој начин, со сите свои фрустрации“, ќе се врати во Џенова. Ќе го пречекаат Филипо, Ана и Софија, а тој гордо ќе каже:
                 „Деца, тато се врати. И, како што ви вети, ви го донесе Европското првенство“.

Ова е единствената победа, ако јас се прашувам. Победа посветена на најмилите и најмалите, оние кои очигледно останаа единствените на овој свет кои знаат како се слави и се радува на чисто спортска победа.

Затоа, ако дозволите…, да оставиме сега спортот да го славиме!

Се вчитува...