Дупјачанец: Негативата е достижна, Горење не е ништо подобар од Металург

ЕКИПА во Словенија,

Стеван Цаневски

Големо е разочарувањето во таборот на Металург по вчерашниот пораз од пет гола во Велење против екипата на Горење, пред се поради фактот дека домаќинот не одигра импресивен меч, но сепак успеа да си создаде значаен „капитал“ за реваншот во Скопје. Сепак, „металурзите“ не губат надеж дека овие „минус пет“ можат да бидат надополнети.

„Конечниот резултат во Велење воопшто не е реален, Горење стигна до предност што не ја заслужи со играта што ја прикажа. Некои работи се движеа во полза на домаќините, ние не ја искористивме нашата шанса во првото полувреме, тие ја искористија својата во вториот дел. Треба да сфатиме дека имаме голема шанса, видовме дека Словенците не се посилни од нас. Оптимист сум, ако останеме сконцентрирани во текот на 60-те минути во Скопје ќе можеме да ја стигнеме негативата“, изјави голманот Даниел Дупјачанец.

„Металурзите“ вечерва со лет од Загреб ќе се вратат назад во Скопје, а од утре ќе почнат со подготовки за реваншот со Горење, кој ќе се игра следната недела во СЦ „Јане Сандански“.

Се вчитува...