Душебајев: Го знам Раул цел живот, но ова не е време за сентименталности

ЕКИПА на ЕП во Хрватска,

Билјана Б. Петрушева, Стеван Цаневски, Игор Паневски

Пред Шпанија да излезе на мегдан со Македонија, логично е меѓу оние кои се најчесто во центарот на вниманието на шпанската јавност да биде Алекс Душебајев, извонредниот десен бек кој во дресот на Вардар се промовираше во еден од најдобрите на својата позиција во Европа. Душебајев од сезонава настапува за полскиот првак Кјелце, но не ги заборава прекрасните спомени од Македонија, како и соработката со Раул Гонзалес.

„Го познавам Раул цел живот, од времето кога бев дете, а тој работеше со мојот татко во Сиудад Реал. Тој ме донесе во Вардар, имам огромна почит за него како личност, како и за сите Македонци поради прекрасниот третман што го имав додека настапував во оваа земја. Сепак, ова не е време за сентименталности, немаме друг избор освен да ги победиме Раул и Македонија. Со победа би направиле чекор напред кон остварување на нашата цел, додека eвентуален пораз би значел огромен удар на патот кон полуфиналето“ – истакнува Душебајев.

Тој има пофални зборови за македонските репрезентативци, а најмногу од сите – за Кире Лазаров.

„Македонија има одлични ракометари, иако не се физички доминантни. На мојата позиција го имаат Кире Лазаров, еден од најдобрите ракометари во светот, спектакуларен шутер кој може да го носи целиот тим на грб. Очекуваме Македонците да се обидат да го нарушат нашиот ритам, наше е да не им го дозволиме тоа“ – порачува Душебајев, кој на првите три натпревари на Шпанија на овој шампионат постигна дванаесет погодоци.

 

Се вчитува...