Два меча во два дена – две победи на Вардар

Вардар без мака ниже победи во домашното првенство, па „црвено-црните“ славеа и на вториот натпревар во рок од 24 часа, овојпат во Битола против Пелистер со 24-31.

Како и на вчерашниот меч со Бутел, тренерот Парондо повторно го ротираше тимот, внимавајќи клучните играчи што повеќе да ги заштеди пред клучните пресметки во Келн, на фајналфор турнирот од Лигата на шампионите. Тоа не се одрази врз конечниот резултат, иако „пелистерци“ одиграа изненадувачки добро во првото полувреме и на одмор заминаа со минимално водство од 15-14.

Домаќините имаа и 16-14 на самиот почеток од вториот дел, но следеше серија од 7-1 на гостите од Скопје, кои направија целосен пресврт и потоа рутински го контролираа резултатот до самиот крај и конечните „плус седум“.

Репрезентативецот Мартин Поповски одигра одличен меч постигнувајќи 11 погодоци, а по пет пати мрежата на Пелистер ја затресоа Карачиќ и Кисељев. Во таборот на битолскиот суперлигаш најефикасни беа Табангуест со шест и Поповиќ со пет гола.

Се вчитува...