Е. Пелистер брзо заборави на дебаклот со Ла Риоха, лесно дојде до бодовите во дуелот со Бутел

Ракометарите на Еурофарм Пелистер експресно се рехабилитираа од дебаклот на стартот во Лигата на Европа кога во Битола загубија од Ла Риоха (24:31) и денеска остварија триумф во Суперлигата, откако на гости совладаа Бутел со 21:34.

Домаќинот успеваше да му парира на актуелниот шампион во поголемиот дел од првото полувреме. Почетокот донесе израмнета игра и мал број голови, а двете екипи се менуваа во водство. Голманите Блажески и Митревски имаа значајна улога, па по петнаесетина минути игра резултатот беше 8:8.

Битолчани постепено ја преземаа контролата врз играта и резултатот и во финишот на првиот дел за првпат се одлепија на посериозна предност. Еурофарм Пелистер стигна до 11:8, а на паузата замина со водство од 13:11.

Гостите уште подобро го отворија второто полувреме. Со серија голови успеаја да ја зголемат предноста на 20:16, со што ја презедоа целосната контрола врз случувањата на теренот.

Бутел не се откажа и преку Каевски и Цветковски успеа да намали на 20:18, но тоа беше се што можеа да направат домаќините. Е. Пелистер остана концентриран во продолжението и рутински го приведе натпреварот до крај.

Филип Кузмановски беше најефикасен кај победникот со девет погодоци, додека Жарко Пешевски и Богдан Радивојевиќ постигнаа по пет.

Кај Бутел, Филип Николов даде седум гола, додека Бојан Спасовски постигна шест.

За Еурофарм Пелистер ова беше четврта победа во Суперлигата каде има и реми со Охрид на стартот, додека Бутел го забележа четвриот пораз.

Се вчитува...