Ракометарите на Е. Пелистер ја одбранија титулата во домашниот шампиона откако вечерва во мечот за трофејот славеа на гостувањето кај Вардар со 30-32.
Како и што доликува за едно дерби за титула, натпреварот почна тврдо и силно во одбраната, па по пет минути игра двата тима постигнаа само по еден погодок (1-1).
Во следниот период се играше гол за гол, ниту еден тим не успеа да направи поголема разлика од еден гол, па по десет минути на семафорот стоеше (5-5).
Први до разлика од два гола стигнаа домаќините со голот на Милан Лазаревски на почетокот на 20. минтуа (12-10). Следуваше нова грешка на битолчани која преку контра ја казни Срдановиќ за 13-10, по кои тренерот на гостите Раул Алонсо мораше да го побара својот прв тајм-аут.
Ниту минутата пауза не им помогна на „зелено-белите“. Следуваа нови пропуштени шанси, а Вардар во 24. минута стигна и до плус пет 15-10. Е. Пелистер заигра подобро во следниот период, па со голот на Кузмановски во 27. минута успеа да се врати на само минус два (15-13). До крајот на првиот дел се играше гол за гол, па на пауза Вардар замина со позитива од 17-15.
Пелистерци подобро го отворија вториот дел, па со погодокот на Филип Кузмановски во 38. минута успеаја повторно да дојдат во „егал“ 19-19. Вардар замина повторно на плус два (22-20), по што следуваше одговор на избраниците на Раул Алонсо па во последните петнаесет минути се влезе во егал 22-22.
Продолжи мечот во егал, а со голот на Дејан Манасков во 52. минута Е. Пелистер за првпат по самиот старт на мечот стигна до позитива 25-26. Вардар израмни на 26-26, а во следниот напад Еспиња успеа да му одбрани пенал на Кузмановски, за ерупција на домашните навивачи во „Јане Сандански“. Следуваше одбранет пенал и на Митревски, а во последните пет минути влеговме со резултат 27-27.
Пешевски погоди за 29-30 во 59. минута, додека на другата страна Јагуриновски изнуди пенал и исклучување за Борзаш. Срдановиќ не го реализираше ударот од седум метри, а Е. Пелистер тргна во напад за одбрана на титулата. Кузмановски изнуди пенал кој успешно го реализираше Дејан Манасков за 29-31. Следуваше по еден гол на двете страни за конечни 30-32. Филип Кузмановски со седум гола беше најдобар стрелец во таборот на победникот, додека кај поразените недоволни беа осумте погодоци на Вуко Борозан.
За клубот од Битола ова е девета титула во Суперлигата, трета во низа и следната сезона повторно ќе ја претставуваат Македонија во Лигата на шампионите.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА