Ракометарите на Е. Пелистер, не успеја да дојдат до првиот триумф во ЕХФ Лигата на Европа иако ја имаа победата в џеб на гостувањето во Полска кај Вибржеже.
Битолчани одиграа 31:31 против Вибржеже, иако имаа предност од три гола на четири минути до крајот, во последните секунди го чуваа ремито.
Капитенот Филип Кузмановски одигра фантастично, постигна 15 гола, но неговата одлична игра не беше крунисана со победа.
Полскиот тим со 2:0 го отвори резултатот, но одговорот од Е. Пелистер беше експресен, за сао три минути направи серија од 0:5 и по седум минути игра поведе со 2:5.
По голот на Пешевски за 3:6, следуваше период од четири минути без постигнат гол за битолчани. Притоа не беше искористена предноста од играч повеќе, постот без гол го прекина Кузмановски до неговиот прв гол на натпреварот во 12-та минута за водство од 6:7 за Е. Пелистер.
Нтанзи погодува за плус два, но Гебала веднаш возврати за 7:8, а потоа Пеплински го погоди празниот гол за ново израмнување.
До крајот на првиот дел речиси постојано се играше гол за гол со тоа што битолчани ја имаа контролата на резултатот и на паузата заминаа со водство од 16:17. Серафимов постигна гол, но судиите не го признаа бидејќи веќе беше поминато времето.
На стартот од второто полувреме, Е. Пелистер по голот на Кузмановски поведе со 17:20, имаше напад за плус четири, но Пешевски не беше прецизен по што Вибржеже намали на 18:20.
Кузмановски кој во првиот меч играше во температура, овој пат блескаше на теренот и за две минути постигна три гола едноподруго за плус четири (20:24), по што домашниот тим мораше да побара тајм-аут во 40-та минута.
Вибржеже одговори со серија 4:1 и дојде до 24:25 по што Лино Червар мораше да бара тајм-аут. По советите од Червар, Кузмановски го постигна 13-от гол и зголеми на 24:26, а по одбраната на Хеидаридад, Кузмановски погоди за плус три.
Домашните ракометари не се предаваа, и по промашувањето на Кузмановски, во нападот изнудија исклучување од две минути на Павле Атанасијевиќ и потоа погодија преку Томчек за 30:31 во 58-та минута. Нтанзи не погоди во следниот напад, по што Вибржеже преку контрата на Чаплинки дојдоа до израмнување.
Филип Кузмановски во последната минута успеа да изнуди исклучување, но во истиот напад направи техничка грешка и им овозможи на ракометарите на Вибржеже да го имаат нападот за победа.
Во последните седум секунди од натпреварот, битолчани успеаја да се одбранат откако шутот на Гебала заврши над голот на Хеидаридад.
Филип Кузмановски беше вистински лидер со 15 постигнати голови, Нтанзи беше одличен со седум гола, а на голот Хеидаридад имаше 11 одбранети удари.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
