Е. Пелистер во невозможна мисија во Кил

Ракометарите на Е. Пелистер ги продолжуваат настапите во Лигата на Шампионите во обид да стигнат до првиот бод, но серијата од 11 порази тешко дека ќе биде прекината токму вечерва ако се знае дека битолчани му гостуваат на лидерот на групата Кил (18.45 часот). Македонскиот првак прикажа добра игра на првиот дуел во Битола со Кил, но јасно е дека вечерва „зебрите“ на свој терен ќе ја имаат улогата на апсолутни фаворити, за да се задржат на првото место во групата кое значи и директен пласман во четвртфиналето.

„Пелистерци“ без резултатски притисок ќе истрчаат на теренот, во обид што подобро да се претстават на овој натпревар.

„Иако сезонава не играат според очекувањата во домашното првенство, Кил е клуб со огромна традиција, кој сезонава сака да стигне до титулата во Лигата на шампионите. За нас ова е голема шанса да видиме колку сме блиску или далеку од нив, со можност за натпревар кој ќе ни покажа каде мора да напредуваме ако сакаме да се носиме со гигантите во иднина. Посакувам натпреварот да биде сличен како оној со ПИК Сегед во Битола. Бевме блиску и до реми и до победа, но финиширавме во еден грч кој се покажа клучен за поразот. Ќе биде интересен дуел затоа што Кил атакува на Ф4 во Келн а за нас ќе биде ново огромно искуство“, изјави тренерот Бранислав Ангеловски.

На спротивната страна, од таборот на Кил стигнуваат најави дека со голем респект се гледа на Е. Пелистер без оглед на скорот 0-11 во првата сезона на битолчани по враќањето во елитното европско натпреварување.

„Едно е јасно, Пелистер е подобар тим отколку што покажува табелата. Ќе играат без притисок, што ги прави опасни и затоа мораме да бидеме многу внимателни“, изјави Харалд Рајнкинд, норвешкиот интернационалец во таборот на Кил.

Се вчитува...