Еден бек си замина, друг дојде во Манчестер Јунајтед

Манчестер Јунајтед е активен во завршницата од преодниот рок, откако директорот Ед Вудворд конечно успеа да му исполни една желба на Оле Гунар Солскјер, носејќи нов лев бек на „Олд Трафорд“. Станува збор за Алекс Телес, кој ќе пристигне во Јунајтед од редовите на Порто за сума од 20 милиони евра. Португалскиот тим од самиот почеток ја наведе оваа сума како цена за Телес, „црвените ѓаволи“ почнаа со 13 милиони, за на крајот да ги прифатат условите и да го донесат дефанзивецот во своите редови.

Телес беше член на Порто од 2016 година, период во кој настапи на 194 натпревари за овој клуб, постигнувајќи 26 гола надополнети со 56 асистенции. Неговите исклучителни офанзивни квалитети сигурно ќе му бидат од помош на Солскјер, кој беше незадоволен од преголемите осцилации во играта на Лук Шо на стартот од сезонава.

„Црвените ѓаволи“ воедно дадоа зелено светло за заминување на десниот бек Диего Далот, кој кариерата ја продолжува во редовите на Милан. Португалецот стигна на барање на Жозе Мурињо, но никогаш не ги оправда очекувањата, добиваше минимална минутажа и без многу размислување прифати да се пресели на „Сан Сиро“.

Се вчитува...