Еден е Јирген Клоп – бараше поголема плата за помошниците, не и за себе

Фудбалските успеси на Јирген Клоп се огромни, но уште поголема е човечката големина што трофејниот стручњак ја покажува. Тој во текот на вчерашниот ден потпиша нов договор со Ливерпул, продолжувајќи ја соработката со „црвените“ од „Енфилд“ до јуни 2026 година.

Со оглед на успесите што ги имаше со клубот се очекуваше Клоп да добие и зголемена плата од управата, но тоа не е случај. Причина – Клоп од самиот почеток на преговорите јасно ставил до знаење дека не сака поголеми примања за себе, но побарал од челниците да ги зголемат примањата на неговите асистенти.

Така, членовите на стручниот штаб на Ливерпул добиле вкупно зголемување од два милиони фунти по сезона, откако управата на „црвените“ експресно ги прифатила понудените услови од Клоп за продолжување на соработката, па сите потпишале нови договори со важност до 2026 година, како и Клоп.

„Јас не би бил волку успешен да не е мојот стручен штаб. Еден од најзаслужните за новиот договор е асистентот Пеп Лијндерс, човек со толку голема енергија што ја пренесува на сите во клубот, и што ми покажа дека можам да продолжам во исто темпо уште најмалку две години“, изјави Јирген Клоп.

Се вчитува...