Еден играч дојде, друг си замина од Фенербахче

Раководството на Фенербахче продолжува со ремонтот на играчкиот кадар по најавеното намалување на буџетот и доаѓањето на Игор Кокошков на тренерската функција на местото на Жељко Обрадовиќ. Турскиот гигант денеска го комплетираше трансферот на Лоренцо Браун, кој ќе биде прв плејмејкер на тимот во наредната сезона. Американецот имаше извонредна сезона во дресот на Црвена Звезда, во меѓувреме одби богата понуда од Панатинаикос за да на крајот ја прифати понудата на Фенер за преселба во Истанбул.

Доаѓањето на Браун речиси сигурно ќе значи и заминување на Костас Слукас, кој се наоѓа на чекор до Олимпијакос. Воедно, денеска клубот го напушти уште еден кошаркар, францускиот репрезентативец Жофри Ловерњ. Жалгирис ќе биде новиот клуб на овој крилен центар потпишувајќи едногодишен договор со литванскиот првак. Жалгирис денеска именуваше и нов тренер, Мартин Шнилер, кој ќе има тешка задача да го наследи Јасикевичиус на кормилото на овој клуб.

Од останатите информации поврзани со Евролигата, Баерн Минхен ќе биде новиот клуб на Андреа Тринкиери откако италијанскиот стратег се раздели од Партизан. Италијанецот ги договорил и последните детали со баварскиот гигант, по што до крајот на оваа седмица и официјално ќе биде промовиран во нов стратег на Баерн.

Панатинаикос го промовираше Немања Недовиќ како засилување за наредната сезона, а „зелените“ од Атина денеска договорија уште еден трансфер, ангажирајќи го американскиот бек Маркус Фостер кој ланската сезона ја мина во Израел, носејќи го дресот на Хапоел Холон.

Се вчитува...