Една екстра четвртина доволна на ТФТ за победа против Чаир 2030

ТФТ им се врати на победите на Првата кошаркарска лига откако во 13. коло славеше на домашен терен против Чаир 2030 со 87-75. Избраниците на Смилковски одиграа одлична прва четвртина во која реализираа во висока успешност за три поени, а предноста која ја направија во првите десет минути ја задржаа до крајот и покрај падот во играта и расположениот дебитант кој не се предаде и по „минус“ 25.

Отварањето на натпреварот беше целосно во знакот на Трент Батрик кој со својата серија од 14-0 донесе двоцифрена предност за ТФТ уште во четвртата минута од играта. „Црно-белите“ продолжија во висок ритам и до крајот на првата четвртина, реализирајќи девет обиди за три поени па по 10. минути игра имаа предност од 33-8. Чаир успеа да ги консолидира своите редови во втората четвртина во која одговори расположено зад линијата 6,75 па во еден момент стигна и до негатива од девет поени (39-29). Сепак завршницата на првото полувреме им припадна на домаќините кои повторно преку Батрик на одмор заминаа со предност од 55-39.

ТФТ успеа да ја задржи високата предност на отварањето на второто полувреме за +18 (62-44), но како што одминуваа минутите опадна ритамот во нападот на „црно-белите“, а во игра се вратија чаирчани. Избраниците на Рамадан одиграа одлично во одбраната, а тоа резултираше со лесни поени па по секвенцата на Александровски кој прво блокираше, а потоа погоди и за три поени, комплетирајќи серија од 10-0 разликата страна едноцифрена (62-54). Агресивната одбрана на гостите продолжи да носи плод па пред последните десет минуити на семафорот стоеше резултат 69-62. Чаир продолжи да брка негатива, а со тројката на Френклин дојде од 71-67. Сепак ТФТ на спротивната страна одговори преку Костоски и Крстевски за нова двоцифрена предност (77-67) и мирен финиш на мечот.

Со 24 поени и 6 скока лидер на ТФТ беше Батрик, додека него го следеше Ташовски со 15 поени. 30 поени и 13 скока за Чаир 2030 постигна Френклин, а по 12 додадоа Рушити и Чучковиќ.

Се вчитува...