ЕХФ сторија: „Лудите Македонци“ меркаат медал

ЕКИПА на ЕП во Хрватска,

Билјана Б. Петрушева, Стеван Цаневски, Игор Паневски

Македонската ракометна репрезентација е хит на првенството, па неслучајно пред стартот на настапот во втората фаза нашите ракометари се најдоа во фокусот на вниманието на јавноста.

„Ако некој пред првенството ни кажеше дека ќе имаме пет бода по првата рунда, ќе му кажев дека е луд“ – изјавува Борко Ристовски во специјалната сторија за македонскиот упех, објавена на официјалната веб-страница на шампионатот.

А резултатите кои ги бележат ракометарите на терен, придонесуваат да „полуди“ цела нација, од радост по нивните успеси. Токму тоа заедничко „лудило“, врската меѓу навивачите и ракометарите, е она што ја прави Македонија поразлика од сите останати учесници на ова европско првенство.

„Дефинитивно сме луда дружина, мислам дека сите го видоа тоа. Го имаме тој жар во нас, се бориме со секој противник, без разлика дали е европски шампион или некој друг состав“ – порачува првиот голман на нашата репрезентација.

Успехот е голем, но нашите репрезентативци се свесни дека нема простор за еуфорија во пресрет на клучните натпревари.

„Среќни сме, максимално задоволни. Ова е перфектно… подготвени сме за следните три средби и ќе видиме што ќе се случи“ – истакнува Дејан Манасков, најдобриот стрелец на Македонија во групната фаза.

А ако треба да се бира најзаслужен за успесите досега, за ракометарите нема дилема – тоа е селекторот Раул Гонзалес.

„Нашиот тренер е извонреден, треба да бидеме најсреќни бидејќи го имаме еден од најдобрите тренери, ако не и најдобриот, во светот. Раул е фантастичен, ја донесе со себе позитивнат енергија по успехот со Вардар, тој е одличен мотиватор“ – вели Манасков.

На левото крило се надоврзува и капитенот Кире Лазаров.

„За мене секој тренер е многу важен, а Раул е еден од најдобрите во светот. Го почитуваме секој тренер, но Раул можеби и повеќе од тоа“ – со насмевка коментира најдобриот македонски ракометар.

Времето минато во Вардар придонесува македонскиот селектор да нема никакви проблеми со адаптацијата ниту кога станува збор за нашата репрезентација.

Црвено-жолта, тоа е боја и на шпанското знаме, нема многу разлика, за тоа се чувствувам како дома“ – вели Раул, па продолжува : „Не можеш сосила да спроведеш систем што не би им се допаѓал на играчите. Затоа, го анализирав начинот на игра на Македонија, па само додадов шпанско влијание за да го подобрам тимскиот дух. Тоа ми донесе успех со Вардар, се надевам дека ќе биде случај и со репрезентацијата“.

„Има уште многу за играње и патот е тежок, со ривали како Шпанија и Данска. Сепак, ако некој тим може да го оствари невозможното, тоа сигурно е Македонија. Доволно се луди за такво нешто, зарем не“ – ја завршуваат сторијата за „црвено-жолтите“ колегите од ЕХФ.

Се вчитува...