ЕКИПА ги претставува кошаркарските прволигаши – Феникс 2010

Сензацијата на сезоната 2021/22 ќе има тешка задача за повторување на успехот, но се е во рацете на склопот од младост и искуство.

ПРЕДВИДЕН ФИНИШ ЗА СЕЗОНА 2021/22 – Борба за опстанок

Една од екипите кои ја одбележаа сезоната 2021/22 во македонската кошарка беше Феникс 2010. Клубот кој доминираше во младинските категории за прв пат настапи во „елитата“ на македонската кошарка, а таму се претстави во одличен сјај.

Дебитантот во првенството славеше против сите клубови во натпреварувањето брзо надмнувајќи го очекувањето за битка за опстанок. Го зема скалпот на МЗТ Скопје, прв го зема скалпот и на Пелситер, а славеше и против Академија ФМП која првиот дел од натпреварување го заврши на третата позиција на табелата.

Феникс 2010 се враќаше од двоцифрен минус против Гостивар, го совлада Работнички во 51 разлика и славеше против нашиот најтрофеен клуб во Купот на Македонија, а за истото да биде уште помило го направи со млади кошаркари кои со сигурност се иднината на македонската кошарка.

Скопскиот клуб заслужи место во Суперлигата, а и покрај тоа што не стигна до истото на „регуларен“ начин на крајот го зема место на Академија ФМП и настапот против суперлигашите беше уште поголема шанса за младите поготово по повредата на најискусниот во тимот, Бојан Трајковски.

Феникс 2010 заслужено го доби епитетот сензација на сезоната, а еден од најзаслужните за тоа беше тренерот Денис Дервишевиќ кој „ги погоди“ странците, знаеше како да ги искористи младите кошаркари како Митровски, Хот и Петков, но и да ги измотивира за одбрана на „тврдината“ во натпревар против „џинови“ како оној против Еуро Никел.


ПРЕДВИДЕН ФИНИШ: Плеј-оф

Втората сезона на Феникс 2010 се очекува да биде потешка од првата, пред се поради фактот дека тимовите сега ќе бидат свесни против кого се натпреваруваат и нема да го потценат противникот. „Виолетово-жолтите“ ќе влезат во дел од натпреварите во фаворизирана улога, но и ќе мораат повторно да го остваат „срцето на терен“ за успешна сезона.

Со најавите за промената на форматот на натпреварување и директното разигрување за титула од четвртфинале по завршувањето на регуларниот дел од првенството големи се шансите Феникс 2010 да се најде меѓу осумте екипи во плеј-фот, но за тоа ќе има сериозна конкуренција со дел од останатите тимови. Притоа домашниот терен повторно ќе биде клучен фактор во сезоната бидејќи пресудни можат да бидат меѓусебните средбите и кош-разликата со дел од конкурентите за местата меѓу најдобрите осум.

Промени во составот

Заминаа: Борјан Стојановски, Милан Димитриевски, Никола Кацарски, Павле Михајлоски

Пристигнаа: Демонте Бакингхам, Чарлс Фаден, Славчо Темелковски, Виктор Исајловски

Останаа: Бојан Трајковски, Андреј Митревски, Амар Хот, Марин Петков, Марко Величковски, Мартин Ѓорѓиоски, Матеј Николовски, Стефан Стојковиќ, Карло Димевски…

Најдобрата работа која ја направи Феникс 2010 ова лето е задржување на костурот на тимот. Митревски, Петков, Хот и Трајковски повторно ќе бидат ударна сила на составот, а склопот од младост и искуство кој сега дополнет со поискусниот Темелковски и перспективниот Исајловски треба повторно да создава сериозни пробеми за прволигашите.

Претходната сезона голема помош за скопскиот состав беа и странските засилувања. Морган и Џоунс направија голема разлика, а сега треба да видиме како ќе одговорат Фалден и Бакингхам. Останува празнината на позицијата крилен центар каде треба да се ангажира странско засилување кое ќе го замени Морган, а постои и опција за уште странец колку што дозволува правилникот.

Но, со моменталниот состав најинтересно ќе биде и да го проследиме учинокот на кошаркарите кои треба да допринесат од клупата, а немаат искуство меѓу „елитата“. Младите Величковски, Стојковиќ, Димитриевски, Крстевски, Николовски, Димевски, Ѓорѓиоски ги очекуваат големи предизвици, а дали во долгата сезона пресудно за подобар пласман на табелата ќе биде ширината на клупата останува да видиме.

Се вчитува...