ЕКИПА ги претставува кошаркарските прволигаши – Куманово

Сезоната 2021/22 за кумановци започна и помина како комичен филм, а и покрај тоа што се чини дека не може полошо, тренерот Мирковски ќе има тешка задача во месеците кои следат.

ПРЕДВИДЕН ФИНИШ ЗА СЕЗОНА 2021/22 – Суперлига

Сезоната 2021/22 за Куманово е сезона за заборав. Некогашниот финалист во домашното првенство тргна во сезоната со огромни амбиции и бомбастични засилувања, но веќе патувањето до Холандија со автобус во холивудско сценаро како на филмот „Еуро трип“ ни нагости каква ќе биде сезоната за „сино-белите“.

Финансиските проблеми донесоа немир во тимот, па „бомбастичните засилувањата“ дојдоа, видоа и си заминаа, а овој тренд продолжи до крајот на сезоната. За Куманово настапија вкупно 26 играчи во текот на сезоната што е трагично за еден прволигашки клуб, поготово за некој кој еднаш носеше радост во мак-баскетот.

На клубот му се закануваа тужби, беше избркан од БИБЛ лигата, заглави странски кошаркари по хотели, па на крајот може и да се задоволи со опстанок во „елитата“ на македонската кошарка.


ПРЕДВИДЕН ФИНИШ: Битка за плеј-оф

Куманово во текот на летото продолжи таму каде што застана па откако беше потврдено продолжување на соработката со Марјановиќ, месец дена подоцна Србинот си замина од клубот… Најголемиот товар ќе го има тренерот Владимир Мирковски кој полека се обидува да ги консолидира редовите, но ќе има тешка задача во новата сезона со лимитирани финансии.

Битката за место во плеј-офот е предвиден финиш за Куманово кој во новата сезона ќе мора да се потпре на „искусниот погон“ и да се надева дека младите кошаркари ќе го исполнат својот потенцијал и ќе можат да им помогнат на „ветераните“. Со оглед на конкуренцијата и искуството нема да биде изненадување доколку „сино-белите“ одат и чекор подалеку и се најдат во плеј-офот, но сепак постои сериозен скептицизам за сезоната на овој клуб.

Промени во составот

Заминаа: Петар Николиќ, Ѓукан Ѓукановиќ, Андреј Настовски, Александар Андрејевиќ, Андрија Марјановиќ

Пристигнаа: Метју Кели, Марјан Јанески, Јан Ризман, Каки Сун, Даниел Нацевски

Останаа: Ненад Зивчевиќ, Душан Јузбашиќ, Ѓорѓи Георгиевски, Mилош Јовановиќ, Лука Димитриевски…

Најзвучното име од претходната сезона Зивчевиќ остана во тимот, тука е и Јузбашиќ кој одигра добри минути во плеј-аутот, се врати и Јанески, а ангажирани беа и Американецот Kели и Словенецот Ризман и од овие играчи се очекува најмногу во сезоната.

Најголемиот играчки проблем кој се јавува за „сино-белите“ ќе биде ширината на клупата. Од неа својата шанса ќе мораат да ја искористат пред се младите Јовановиќ и Димитриевски и дел од останатите играчите кои претходната сезона ја освоија Третата лига. А, интересно ќе биде да видиме и дали воопшто на прволигашката сцена ќе дебитира првиот Кинез во мак-баскетот.

Се вчитува...