ЕКИПА ИНТЕРВЈУ – МАРИО СТАНКОВСКИ: Обожавам „рокенрол“, а сон ми е да играм за Бока на „Ла бонбониера“

Отворено со најдобрите македонски спортисти. Оние кои секојдневно ги красат спортските страници, но и со оние подзаборавените. Нивните успеси, размислувања, желби и очекувања пред идните спортски предизвици – секој вторник на ЕКИПА.МК.

========================================================================================================================== 

Еден од најдобрите млади фудбалери во домашниот шампионат Марио Станковски, отворено за ЕКИПА.МК говори за своите настапи во тимот на Работнички. За тоа како е да се биде дел од фудбалско семејство, но и да се игра заедно со својот брат Лука Станковски.

Со Станковски разговаравме и за тоа колку е тежок животот на децата на фудбалерите кои многу често ја менуваат средината на живеење.  Тој открива детали и за „цимерските“ денови со Елиф Елмас.

Станковски вели дека е заљубен во јужноамериканскиот фудбал. БОГ е Диего Армандо Марадона кој го има и тетовирано. Идоли му се Габриел Батистута и Паоло Гереро, а желба му е еден ден да заигра во Бока Јуниорс.  

==========================================================================================================================

Годинава е најдобрата во твојата кариера. Како си задоволен од себе, но и од тимот во пролетниот дел од сезоната?

Со оглед на тоа што дојдов на полусезона во Работнички сум презадоволен од мојата игра. Првите неколку натпревари не ни бев дел од првиот тим, но потоа откако добив шанса од тренерот Влахо мислам дека ја користам на најдобар можен начин. Во пролетниот дел на сезоната играме одлично. Мислам дека имаме голем напредок во играта и  дека тимот е хомоген. Јас и претходно бев во Работнички, но сега сме собрани фудбалери кои што одлично функционираме заедно и тоа го покажуваат и резултатите во пролетниот дел од сезоната во кој ако се соберата бодовите ние сме на втората позиција. Тренерот Влахо исто така има голема улога во тоа што не сплоти и играме сите како еден. 

Поголемиот дел од кариерата како млад фудбалер ја поминуваше на позајмици. Колку тоа ти помогна во развојот не само како играч туку и како човек?

Секогаш сакам да се наметнам да играм. Не сакам да бидам дел од некој клуб, а да седам на клупа. На Работнички во почетокот имав проблеми од типот на карактер. Велеа дека сум проблематичен, дека не сум доволно сериозен и секогаш ако требаше да се бира меѓу мене или некој друг фудбалер никогаш немаше изборот да падне на мене. Секогаш сакав да играм. Мене сите позајмици освен Тетекс каде што дадов 10/11 гола за една полусезона и ме вратија одма, другите позајмици не поминаа најдобро. Позајмицата во Тиквеш не помина најдобро. Втора позајмица Гостивар, два натпревари два гола дадов, од кои еден против Шкендија во купот, но скинав менискус и не можев да продолжам со добри настапи. Во САСА ми беше третата позајмица дадов еден гол и се прекина првенството поради корона. Тоа е мојата судбина со позајмиците. Доброволно сум барал да одам на позајмица само за да играм. Има луѓе кои што мислат дека кога ќе заминат на позајмица клубот веќе ги отпишал, јас не гледам така на тоа бидејќи што повеќе играш добиваш поголема самодоверба и напредуваш во кариерата. Факт е дека натпреварите во втора лига немаат никакво значење кога ќе се вратиш во прва лига. Јас да дадам и 20 гола во втора лига, кога ќе се вратам во клубот од кој сум пратен на позајмица се почнува од почеток. Разликата е голема меѓу прва и втора лига. 

ДА МОЖАМ СО БРАТ МИ БИ ПОТПИШАЛ ЦЕЛА КАРИЕРА ЗАЕДНО ДА ИГРАМЕ!

Со брат ти Лука сте одличен тандем во Работнички. Имавте ли „дерби“ дуели како деца и колку е плус да си во ист клуб со човек кој го знаеш целиот живот? 

Не можам да кажам кој е подобар јас или брат ми. Тотално различни фудбалери сме. Меѓу нас кога сме играле иако е помал три години од мене, биле тешки борби меѓу нас со плачење со тепачки. Сегде сме играле фудбал по шест часа сме играле еден на еден. Секакви работи имало. Татко ни ни суди, па брат ми помал малку му пошушта. Имало викање, карање, луѓе од страна не гледале се чуделе што прават овие. Големи борби сме имале со брат ми и после кој победи се знае не затвора уста до следно играње. Во последните неколку години кога и да играме, играме заедно. И мислам дека е многу добро што имам брат со кого играм бидејќи ме знае многу добро. Он е фудбалер што сака да проигрува, а мене како напаѓач тоа многу ми одговара. Уживам кога играм со него во Работнички. Многу пати знам на шала да му кажам имаш среќа што имаш напаѓач како мене па ти „билдам“ статистика за асистенции. Тој ми возвраќа дека јас имам среќа што имам играч како него што ми ствара шанси за да давам голови. Криво ми е што и првата полусезона што не бев во Работнички, бидејќи уживам кога играм со брат ми. Единствено нешто што ме нервира кај него е што секогаш сака да проигрува. Му викам мора повеќе да шутираш кога имаш шанса и да не размислуваш бидејќи покрај техниката има и феноменален шут. Со неговите квалитети, ако шутира повеќе, ќе биде најдобар стрелец во клубовите во кои игра. Брат ми го бараше цела Европа, не затоа што даде седум гола во шампинатот, туку затоа што има неверојатен талент. Тој за мене е Рикелме. Физички е одлично подготвен. Има неверојатна техника. На натпревар знае да ме створи седум чисти шанси за гол. Да можам со брат ми би потпишал цела кариера заедно да играме. Сонувам за денот заедно да играме за репрезентација. 

ТАТКО НИ Е НАШАТА НАЈГОЛЕМА ПОДДРШКА!

Вашиот татко Горан Станковски имаше исто успешна интернационална фудбалска кариера. Имате ли притисок од него и како е да си дете на фудбалер кој што многу често мора да ја менува средината и местото на живеење? 

Кога татко ти бил фудбалер или неважно спортист, актер, музичар, уметник, нормално е него да го влече и децата да трнат по неговите чекори. Не да го тера, туку да го насочи своето дете кон тоа што се занимава. Не дека јас и брат ми сме морале да станеме фудбалери, туку едноставно фудбалот не привлече, а татко ни е тука да не насочува и укажува. Сака да не извади на прав пат. Никогаш не сум имал притисок. Како деца со брат ми навистина индивидуално трениравме многу со него. Сепак, уште пред неколку години почнавме да го победуваме. На 39 години уште играше во Шкупи знаев многу пати да му кажам почекај ме уште малку па да играме заедно татко и син во еден клуб. Ќе имаш повеќе асистенции јас голови ќе давам. Не е лесен животот на едно дете на фудбалер. Искрено не ми беше пријатно да менувам училиште секоја година. Сакав што побрзо да се вратам дома и да бидам со моите. Не е воопшто лесен животот на еден професионален фудбалер. Фудбалот е професионализам и е војничка работа. 

ЗА ЦИМЕРСКИТЕ ДЕНОВИ СО ЕЛИФ ЕЛМАС…

Во младинските категории во Работнички бевте нераздвојни со Елиф Елмас. Ќе откриеш ли нешто од времето кога бевте „цимери“ со еден од најталентираните македонски фудбалери? 

Ќе ви откријам една тајна за Елиф Елмас која само мал број на луѓе ја знаат. Бевме цимери додека игравме во Работнички и тој период бевме многу блиски. Од почеток знаев дека тој мора да успее. Има неверојатна работна навика и голема фудбалска дрскост. Природно на терен ти доаѓаат работи да ги направиш. Секогаш подготвен за тренинг и секогаш дава максимум. Неверојатен воркохолик. Зимски подготовки имаше и трчаше од Скопје до Гостивар и назад. Трча три часа и ми праќа фотографија влез на Тетово. После трча уште четири часа влез на Гостивар ми праќа фотографија. Јас сакам многу да јадам, но Елмас беше единствен што можеше да ме надјаде. Колку е посветен и сака да биде најдобар во се сфатив кога игравме ФИФА на плејстејшн. Го победувам, вечерта до пет часот наутро играше и вежбаше за да биде подобар. Неверојатен талент е, но уште поважно е прекрасна личност и има неверојатен карактер. Знае некогаш кога ќе се чуеме кога ќе го прашам што правиш, само скромно да ми одговори еве на кафе со Гатузо, Инсиње… Ќе повторам дека од прв ден знаев дека ќе успее.

ГАБРИЕЛ БАТИСТУТА Е МОЈОТ ИДОЛ… ЖЕЛБА МИ Е ЕДЕН ДЕН ДА ЗАИГРАМ ЗА БОКА ЈУНИОРС!

Велиш дека си заљубен во јужноамериканскиот фудбал. Во кој клуб ти е сон еден ден да заиграш и кои се твоите идоли? 

Искрено не сум голем фан на европскиот фудбал. Го обожавам јужноамериканскиот. Сон ми е да играм во Бока Јуниорс и да настапувам во Копа либертадорес. Навистина би сакал да играм во Јужна Америка. Заљубен сум во тој фудбал. Нема нешто поубаво од дерби Бока – Ривер и цела „Ла бонбониера“ полна. Тие луѓе живеат за фудбалот. Тоа кај нив е многу повеќе од само обичен натпревар и колку и да звучи чудно навистина сон ми е да заиграм во аргентинскиот шампионат. Кога е Европа во прашање би сакал Италија или Шпанија тој стил на фудбал го обожавам. Добра техника, дриблинзи. Англискиот фудбал не го почитувам, бидејќи се е на физичка сила. Еден од идолите ми е Габриел Батистута. Марадона е вон конкуренција. Сите се фудбалери, Марадона е амблем, икона, БОГ. Во компарација со Меси што ја прават цело време мислам дека е безврска. Батистута го немам многу гледано во живо. Но, ги имам многу пратено неговите игри. Исто така го почитувам многу и Паоло Гереро. Во денешниот фудбал шпиц број еден е Луис Суарез. Исто така сакам да ги гледам и Радамел Фалкао и Единсон Кавани. Се на се јужноамериканските напаѓачи. Тоа е вистинската фудбалска романтика. Јужноамериканските напаѓачи, Суарез, Фалкао, Гереро сите што ги кажувам знаат од невозможна позиција да ја удрат топката нефудбалски и таа да влезе во гол. Левандовски е машина за голови, но се знае дека ќе ја „плесне“ школски. Тоа кај овие не е така и тоа е тоа во што јас лично сум вљубен. 

МАРАДОНА Е ФУДБАЛСКИ БОГ… КОГА ПОЧИНА ЦЕЛА ВЕЧЕР ПЛАЧЕВ!

Марадона за тебе е фудбалски БОГ. Како се чувствуваше кога дозна за веста дека почина најдобриот фудбалер на сите времиња? 

Кога почина Марадона се чувствував како да ми умре близок човек. Бев договорен да со другар да играме плејстејшн. Јас во автомобил на пат накај него и почнуваат на телефон да ми стигнуваат пораки. Се јавувам на еден на друг, сите ми викаат Марадона умре. Викам не зборете глупости и така секој месец го умираат човекот. Изигравме плејстејшн се враќам дома и читам дека тоа е вистина. Сите светски медиуми ја пренесоа веста. Следам многу аргентински медиуми. Се соживеав со целиот аргентински народ. Гледам што се губи не само аргентинскиот туку и народот од целиот свет и почнав да плачам. Цела вечер плачев, а не можев да верувам како можам такво нешто да правам за човек кој никогаш го немам запознаено. Е тоа е Диего Армандо Марадона. Тоа што го правел Марадона можат само искрени луѓе да го прават.

Што сака да прави Марио Станковски покрај фудбалот? 

Многу сакав да запишам или Драмски или Факултет за музичка уметност бидејќи обожавам уметност, но покрај фудбалов едноставно невозможно е да се занимаваш и со една од овие две професии. Обожавам да слушам рок музика и сум заљубен во Ролинг стоунс. Кит Ричардс и Џим Морисон ми се омилени. Ѓоре Јовановски кој своевремено ми беше тренер во Работнички ме викаше Џим Морисон.Голема желба имам да бидам актер уште од мал, но се одлучив за фудбалот и тоа е мојот прв избор. Сакам да научам да свирам и на гитара, но се во свое време.

Се вчитува...