ЕКИПА ИНТЕРВЈУ – Силвана Карбеска: Балканските судии се најдобри, бидејќи имаат докторирано за мечеви под притисок

Отворено со најдобрите македонски спортисти. Оние кои секојдневно ги красат спортските страници, но и со оние подзаборавените. Нивните успеси, размислувања, желби и очекувања пред идните спортски предизвици – секој вторник на ЕКИПА.МК.

========================================================================================================================== 

Најдобрата македонска ракометна судијка, Силвана Карбеска, отворено за ЕКИПА.МК говори за тоа како е да си успешна жена судијка во светот. Говоревме за големото признание кое што го добија со нејзината партнерка Марија Илиева со кои беа делегирани да свират на Ф4 турнирот во Лигата на Европа. 

Со Карбеска разговаравме и за нејзината ракометна кариера и моментот кога донела одлука, таа да ја промени со судиската. Таа смета дека балканските судии се најдобри во светот бидејќи за разлика од другите земји имаа „докторирано“ за свирење мечеви под притисок. 

Прва љубов на Карбеска не е ракометот, туку џудото во кое била и вицешампионка на Југославија во младински категории. Како дама која повеќе од 30 години е дел од спортот во нашата земја, вели дека дискриминацијата сега е помала отколку во минатото, но дека борбата за еднаквост никогаш не треба да престане. 

==========================================================================================================================

НЕМА ПРОСТОР И ВРЕМЕ ЗА КАЛКУЛАЦИИ КОГА СЕ СУДАТ НАТПРЕВАРИ!

Бевте дел со партнерката Марија Илиева од Ф4 турнирот во Лигата на Европа. Како помина целиот турнир и колку сте задоволни самите од себе и дали имаше притисок? 

Слободно можам да кажам дека тимовите што играа Ф4 во Лига на Европа, не се ништо послаби од тимовите кои играа Ф4 во Лигата на шампионите. Тоа е врвен ракомет. Ракометарки кои се во топ форма и играат одличен ракомет. Кога ќе се погодат такви две екипи не можам да кажам дека е лесно да се суди, но е многу полесно од натпревари кои се со далеку послаб квалитет. Кога мечевите се израмнети нашата концентрација е секогаш на големо ниво. Кога е поголема разликата, нормално е и ние сме луѓе ни паѓа концентрација. Некои натпревари што се со голема разлика и кога ги гледаш од дома едвај чекаш да завршат, а замислете како им е на играчите и на судиите кои се директни актери на теренот. Нема простор и време за калкулации и размислување кога судиш важни натпревари. На полуфиналниот меч во последните секунди досудив пенал за Шиофок без никакво размислување. Во такви моменти го судиш тоа што го гледаш, немаш време за калкулации, која минута е која секунда, уште колку има до крај. Сконцентриран си максимално на нападот и го судиш тоа што го гледаш во моментот. Од моја гледна точка видов дека е пенал и воопшто не размислував дека треба и има простор за калкулации, едноставно го досудив тоа што го видов. 

СЕ РАДУВАМ КОГА ТРЕБА ДА СВИРАМ НА МЕЧ ВО КОЈ ИГРААТ МАКЕДОНСКИ РАКОМЕТАРКИ… 

Колку е тешко кога судите натпревари на македонските ракометарки. Дали има дополнителен притисок или едноставно во тој момент ги гледате како броеви, а не како репрезентативки на Македонија? 

Секогаш ми е мило кога ќе чујам дека треба да судам на некои од нашите репрезентативки, без разлика дали е Лига на шампиони или во некои европски купови. Годинава 99 отсто натпреварите ни се Лига на шампиони. Имавме само еден натпревар кој не беше Лига на шампиони и во тој меч се погоди да играат Штерјова и Ливриниќ и баш ми беше мило што ја делевме правдата. Тие победија, но не успеаја да се пласираат понатаму во Лигата на Европа. Никогаш не се случило да бидеме пристрасни кога судиме натпревари на нашите репрезентативки. Ниту пак имаме некој притисок дека не смееме никако да досудиме нешто во нивна полза. Поради тоа што кога влегуваш на такви тешки натпревари размислуваш да отсудиш на ниво. Во моментот забораваш кој игра и кој како се однесува. Ги гледаме играчите само по бројот, а не по името. Играч во сини или играч во црни дресови. Пред Ф4 судевме многу тешки натпревари во Лига на шампиони. Претежно сите беа дерби мечеви, особено четвртфиналето меѓу ЦСКА Москва и ЧСМ Букурешт. Натпреварот беше многу тежок, а на крајот двете страни беа задоволни што е многу важно за еден судија. По натпревар ни честитаа и двата тима. Особено ми беше драг тој натпревар, бидејќи Сара изигра феноменално и многу допринесе за победата на ЦСКА. 

БАЛКАНСКИТЕ СУДИИ СЕ НАЈДОБРИ ВО СВЕТ БИДЕЈЌИ ИМААТ ДОКТОРИРАНО ЗА МЕЧЕВИ ПОД ПРИТИСОК… 

Дали сметаш дека балканските судии се подобри од тие во другите земји во Европа, бидејќи се навикнати на многу поголем притисок во домашните натпреварувања и дали некогаш си имала меч на кој дошло до инцидент? 

Пред короната на натпреварите кои се играат на Балканот секогаш има притисок врз судиите. Мислам дека ние од Балканот сме многу поискусни од судиите од другите делови на Европа, како на пример Скандинавците. Од домашните натпревари влечеме искуство повеќе и потоа е многу полесно да свириш на тие меѓународни натпревари. Сметам дека сме поквалитетни од нив. Порано кога имаше многу дерби натпревари во Македонија буквално не се знаеше кој кого може да победи, навистина големо искуство беше за нас во таа борба со притисокот, од публика од екипи. Потешко е да се суди надвор бидејќи нема толку голема притисок од трибините како што го има на Балканот. Едноставно на крај на секој меч си го тераш своето. Судиш тоа што го гледаш на теренот, а дали некој ќе се лути, пцуе, тоа е негова работа. Кога се определуваш за оваа професија треба многу работи да се голтнат и да не се слушаат. Тоа е период кој се пребродува, а тој период најчесто е на почетокот на кариерата додека се уште го немаш стекнато искуството. Имаше еден натпревар во Прва лига мажи. Не знам точно која година беше. Во Автокоманда играа Ринија и МРК Вардар имаше влегување на публика, бидејќи имаше помалку полиција од публика. Записничката маса ја превртеа навивачите, делегатот го немаше нигде. Сега кога зборувам е смешно, но во тоа време беше жално. Мораш да издржиш во тие моменти. Немаше директен напад над нас, но имаше закани. Од такви натпревари излегуваш многу поискусен и постабилен како личност. Оставаш еден лош момент зад себе. Секако со самото искуство стекнуваш и авторитет и веќе немам некои поголеми проблеми. Можам да кажам дека веќе немам никакви проблеми со ракометарките во домашното првенство и навистина не почитуваат како судиски пар. 

Како се станува професионален судија со ЕХФ и ИХФ значка и дали има млади девојки кои исто така сакаат да се занимаваат со оваа професија? 

За да станеш меѓународен судија треба време и искуство. Во Македонија се полагаат категории, а потоа по пријава на здружение на судии до Ракометна федерација на Македонија, тие како перспективен пар го предлага до Европската ракометна федерација. Од нив стигнуваат покани за судење на турнири кои ги организираат и на тој начин по извесен период се стекнуваш со значка ЕХФ. Почнуваш со младински категории, најниските купови, па по извесен период и стекнување на поголемо искуство се доаѓа до Лига на шампиони. Сепак има простор и натпревари за сите судии. И тие што сега почнуваат и тие што се веќе искусни. Има млади девојки кои се заинтересирани за да станат судијки, но многу брзо се откажуваат, бидејќи скалилата кои треба да ги пројдеш не се лесни. Треба да почнеш со пионерски и кадетски лиги и тоа е подолг период. Додека стигнеш во Суперлига треба подолг временски период и напорно работење. Работење на себе пред се. Физичка подготвеност, гледање натпревари. Се што спаѓа во делот на подготовка за добар судија. Многу брзо се откажуваат. Доаѓаат до едно ниво на младински категории и после за жал се откажуваат. Кај жените е се малку поспецифично. Како што е кај врвните спортисти така е и кај судиите. Некој сака фамилија да создаде, повеќе обврски дома. 

ГО ОСТАВИВ РАКОМЕТОТ ЗА СУДИСКА КАРИЕРА 

Имаше успешна ракометна кариера, како се реши да преминеш во судиските води? 

Јас бев ракометарка до 28 години кога почнав со полагање за ЕХФ судија и се откажав од ракометот. Сметав дека можам да играм уште три четири години, но решив дека тогаш морам да прекинам, доколку сакам да продолжам со судиска кариера. Генерално никогаш не сум била конфликтна личност во однос на судии, не сум приговарала или да се расправам додека играв ракомет. Сум знаела ако судијата одлучил така тоа ќе биде така и менување на одлука никогаш нема да се случи. На иницијатива на Олгица Миленковска одлучивме да станеме судии. Бевме подготвени физички бидејќи бевме во тренажен процес. Почнавме да судиме во Прва лига, бидејќи не смеевме да свириме во Суперлига, бидејќи се уште игравме за Вардар. Така почнав со судење. Одлучив да завршам со кариера и да одам напред. Тогаш другарка ми Олгица се откажа и почнав да судам со Марија Илиева и така од 2008 се уште сме заедно.  

Долго време беше професионална ракометарка, како се одвиваше твојата кариера и како го доби прекарот Зајче? 

Како дете тренирав џудо четири години, а последните две години во исто време тренирав и ракомет. Продолжив со ракомет во школата на Тутински комбинат. На 16 години добив повик за кадетска репрезентација на Југославија. Тоа беше последната генерација на ракометарки кои настапуваа за Југославија. Ние се квалификувавме на Европско првенство во Унгарија. Дојдов на студии во Скопје, продолжив во Вардар. Имаше Светско првенство во Бразил младинско и ние бевме првата репрезентација на независна Македонија која настапуваше на големо натпреварување. Кога почнав да играм ракомет во Прилеп, во пионерската екипа на Тутунски комбинат. Мојот прв професор по ракомет, Трајче Зуљановски, со кој и ден денеска сум во контакт ми го даде прекарот Зајче бидејќи предните заби ми беа напред. Бев висока, слаба и едноставно потскокнував кога трчав. И тој почна да ме вика Зајче. Ме убеди дека е убаво да имаш прекар, да те познаваат луѓето по некој прекар и така и ден, денеска остана Зајче. Кога почнав да работам во Ракометна федерација, кога некој ќе се јавеше и ќе ја побараше Силвана, луѓето викаа не работи таков човек тука од што сите ме викаа Зајче и тотално не размислуваа за моето име. 

ЏУДОТО СЕКОГАШ ЌЕ ОСТАНЕ МОЈА ПРВА ЉУБОВ

Спомена дека како дете имаш тренирано и џудо. Од каде љубовта кон тој спорт и зошто на крајот се одлучи за ракомет? 

Во џудото се заљубив како дете. Мојот добар другар Горан Мицковски ме внесе во тој спорт. Бев единствено девојче во клубот. Од дома моите ми викаа што ќе бараш на џудо, тоа е машки спорт, таму ли ќе се тепате. Џудото е далеку од тепање тоа е вештина во која треба да попуштиш за да победиш. На ниво на Југославија се одржуваа државни првенства во џудо, Македонија секогаш настапуваше со шест, седум џудисти. Јас освоив вицешампионска титула на Југославија во џудо. Сметав дека е голем успех за мене и дека треба да престанам со џудото. Плус веќе играв и ракомет, а екипниот спорт повеќе ме влече. Сакам да бидам дел од тим, а не да се натпреварувам како поединец. Сакам да бидам дел од група која ќе се помага меѓусебно за да дојде до успех. Сепак, и покрај се џудото секогаш ќе остане моја прва љубов.

Вработена си во Ракометната федерација на Македонија. До каде се подготвките за Европското првенство во 2022 на кое сме домаќини и кое е твоето очекување од девојките? 

Мене ми е многу мило што девојките растат во женската репрезентација. Треба да се наредат многу коцки за да се постигне успех. Сметам дека ќе биде успех и влез во втора фаза. Сепак, ова е Европско првенство на кое настапуваат најдобрите репрезентации во светот. Треба многу коцки да се поклопат за да се направи успех. Ќе повторам сметам дека втора фаза ќе биде голем успех и се надевам дека ќе успееме. Како федерација постојано се подготвуваме и сметам дека до последниот момент нема да завршат подготовките. Работиме да се претставиме во најдобро светло. Во 2008 бевме домаќин на цело Европско првенство, знаеме каков залак беше тоа тогаш и сметам дека сега можеби ќе биде во еден дел полесно бидејќи станува збор само за една група, меѓутоа сепак е Европско првенство и очекувањата на челниците на ЕХФ ќе бидат огромни во однос на организација. Но, веќе сме докажани како добри домаќини бидејќи секое лето има младински првенства во нашата земја.

Беше дел и од Европски и Светски првенства во ракомет на плажа. Која е разликата со ракометот во сала и како се снајдовте? 

Ракометна федерација пријави репрезентација за ракомет на песок. Беше Светско првенство во Кадиз. Патувавме со автобус до Кадиз и правилата ги учевме по пат. И после тоа на иницијатива на ракометна федерација полагавме во Унгарија за судии за ракомет на песок. Учествувавме често на турнири најчесто во Турција во летниот период. Потоа следеше учество и на две Светски и Европски првенства како и една мали олимписки игри. Еден период судевме и ракомет во сала и ракомет на песок. Многу поинтересно од обичен ракомет искрено да ви кажам. Целиот меч и сите турнири се една голема забава. Како поминува време добива и на натпреварувачки карактер. Секогаш е на некои егзотични места, Бразил, Шпанија, Италија… Преубаво нешто. Навистина ми е жал што не го форсираме тој спорт повеќе во Македонија. Разбирам дека немаме услови, но мислам дека можеме повеќе да го развиваме ракометот на плажа, бидејќи е убаво нешто и е многу атрактивно.

НИКОГАШ НЕ ТРЕБА ДА ПРЕСТАНЕ БОРБАТА ЗА ЕДНАКВОСТ!

Како жена која долги години се занимав со спорт во Македонија, дали дамите се уште се дискриминирани или сега е многу поголема еднаквоста отколку во минатото? 

Мислам дека жените во спортот во Македонија сега се многу помалку дискриминирани од порано, но никогаш не треба да престане борбата за еднаквост. Нашата храброст да се инволвираме во многу работи порано беше многу помала него сега. Сега имаме многу поголема храброст за многу поголеми предизвици и мислам дека дискриминацијата не е многу застапена.

Се вчитува...