Екс-селекторот на Македонија „распука“ по Герет Бејл

Пропаднатиот трансфер во Џиангсу Сунинг уште повеќе ја искомпликува ситуацијата на Герет Бејл во Реал Мадрид. И додека дел од британската јавност се уште го брани велшкиот ас, сосема спротивно е мислењето на поранешниот македонски селектор, Џон Тошак. Велшкиот стратег, кој своевремено седеше и на клупата на Реал, го обвини Бејл за алчност поради инсистирањето да остане во Мадрид за плата од 600.000 евра неделно.

„Зарем е толку страшно во следните две-три години да играш за помала плата, на пример од околу 200.000 евра. Зарем твоето семејство нема да може да преживее со „толку малку пари“. Искрено, ми се гади во кој правец отиде целата работа. А најлошо од се е што ништо не слушнавме од Герет. Тој само молчи, а неговиот агент ќе се јави со некоја изјава. Никој не сака да го слушне агентот, но сигурно сите сакаат да слушнат што ќе каже Бејл. А тој не отворил уста веќе долго време“ – истакна Тошак.

Голем дел од причината е неговото непознавање на шпанскиот јазик, што според Тошак е апсолутно неприфатливо.

„Тој треба да покаже карактер, да го каже она што го мисли, каде сака да игра, ако остане зошто сака да остане. Не знаел шпански јазик? Па тоа е срамота, веќе шест години е таму, а не го знае јазикот, тоа е навреда за сите во клубот и не знам како го трпеле досега. Ќе се обидеш и ќе го научиш, а доколку погрешиш во некој збор луѓето ќе ти простат бидејќи си странец. Но Бејл го прави спротивното, тој молчи бидејќи не знаел шпански и остава други луѓе да зборуваат и да ја водат неговата битка“ – критичен е Тошак кон најдобриот велшки фудбалер.

Се вчитува...