Елмас: Да не заборавиме дека Финска е силна селекција, овие тестови се токму за да се утврдат недостатоците во игра

Елиф Елмас и на денешниот натпревар на арената „Тодор Проески“ против Финска покажа дека се враќа во посакуваната врвна форма, по одличните акции и во дресот на Наполи.

Елмас беше еден од најзапазените македонски фудбалери на терен, по мечот истакнувајќи дека ова е само еден контролен натпревар на кој треба да се утврдат покажаните недостатоци на терен и истите да се корегираат во иднина.

„Нема апсолутно никаква рани од овој натпревар затоа што ете игравме, напаѓавме, но остана проблем со реализацијата. Но, тоа е дел од фудбалот. Затоа и се овие тест дуели, за да согледаме некои недостатоци и да се поправат уште многу работи. Но, навистина сме задоволни што игравме навистина сплотени како тим, иако и ни недостасуваат уште неколку клучни фудбалери. Тука сме на секој натпревар во репрезентативниот дрес да го дадеме максимумот и секако да одиме кон нови предизвици и успеси. Да не заборавиме дека Финска е навистина една силна репрезентација. Мислам дека беше интересен, брз, добар натпревар иако имаше и одредени недостатоци на терен кои ќе мора да ги корегираме во иднина“ – изјави Елмас по дуелот со Финците, притоа осврнувајќи се и на личната форма…

„Што се однесува до мене лично, мислам дека се враќам во посакуваната форма. Доста работи и за мене се променија и во Наполи, пред се се врати мојата ментална сила откако играм почесто, но мислам дека може да бидам уште подобар. Се надевам дека наскоро ќе бидам и едно ниво повисоко и од ова моменталното“.

Се вчитува...