Елмас погоди пречка, па се повреди – Наполи шокиран дома од Емполи

Наполи беше шокиран на домашен терен од Емполи, губејќи со 0-1 во меч во кој Елиф Елмас заработи незгодна повреда и мораше да биде заменет во второто полувреме. „Наполитанците“ со овој пораз паднаа на четвртото место, зад Аталанта, со три бода заостанување зад лидерот Милан.

Македонскиот репрезентативец ја имаше најубавата шанса во првиот дел, кога маестрално шутираше од дваесетина метри, но топката заврши во гредата.

Среќата им го сврте грбот на „наполитанците“ и во вториот дел, Петања го погоди дирекот, а воедно Наполи прими и малерозен гол, Ангиса по еден корнер ја изби топката со глава, но таа удри во тилот од главата на Кутроне и заврши во мрежата на Оспина. Наполи во финишот тргна на се или ништо, но во таа офанзива настрада Елмас, кој заработи незгодна повреда по еден старт на гостинските дефанзивци.

Во вториот дуел што беше на програмата од 18 часот Сасуоло на домашен терен го совлада Лацио со 2-1. Римјаните по првиот дел имаа водство од 0-1 со голот на Закањи, но Сасуоло направи пресврт и преку Берарди и Распадори дојде до нов „скалп“ на фаворит во Калчо-лигата.

Се вчитува...