Елмас се збогуваше од Европа, Обамејанг е херојот на Арсенал

Елиф Елмас и Наполи неславно ја завршија овосезонската авантура во Лигата на Европа, откако едвај ја победија Гранада со 2-1, резултат недоволен да се надополнат оние 2-0 од поразот на првиот меч во Шпанија.

Зиелински даде гол на самиот почеток и најави фурија на „наполитанците“, но набрзо следеше „заспивање“ на одбраната на чело со Кулибали по што гостите израмнија. Наполи успеа да постигне и втор гол преку Руиз, но немаше сили за нови два погодоци, колку што им беа неопходни за пласман во осминафиналето.

Елмас беше стартер, доби шанса во навалната линија крај Инсиње и Политано, но македонскиот репрезентативец не се снајде најдобро во оваа улога и беше заменет со Мертенс.

Арсенал со многу среќа успеа да триумфира над Бенфика со 3-2, резултат со кој „топчиите“ со вкупни 4-3 се пласираа во осминафиналето од ЛЕ. Обамејанг беше херојот на лондонскиот клуб постигнувајќи два гола, вклучувајќи го и оној вториот за конечни 3-2, кога во 87. минута со прецизен удар со глава донесе триумф на Арсенал.

Молде го изненади тимот на Хофенхајм, па по ремито од 3-3 во Норвешка денеска славеше со 0-2 на гостувањето во Германија и се пласираше во следната рунда.

Ајакс по голема битка го совлада Лил со 2-1, благодарение на голот на Нерес во 89. минута. Вилјареал со победата од 2-1 го елиминираше Салцбург, додека Глазгов Ренџерс заслужено се пласираше во осминафиналето со нова победа над Антверпен, овојпат со 5-2 на домашен терен во Шкотска.

Се вчитува...