„Елмас сонува за гол против Барса, верува во чудо на Камп Ноу“

Агентот кој помогна во реализацијата на трансферот на Елиф Елмас во Наполи, Георге Гарди, не крие дека е задоволен од дебитантската сезона на македонскиот „дијамант“ во Калчо-лигата.

„Не е лесно кога на млади година ќе дојдете во Италија и ќе облечете дрес на клуб како Наполи. Да не заборавиме дека тој на дербито со Интер беше најмлад на теренот, а сепак одигра добар меч. Елиф е играч што не чувствува притисок поради годините, дораснат е за секој предизвик. Одлично се адаптираше, имаше добар однос со Анчелоти, исто како што сега одлично соработува и со Гатузо“, истакна Гарди за „Радио Кис Кис“.

Воедно, Елмас со нетрпение го очекува реваншот од осминафиналето во Лигата на Шампионите против Барселона.

„Барса е тим составен од големи асови, нема да биде лесно да се приреди изненадување, но да не заборавиме дека Наполи лани го совлада Ливерпул. Елиф верува во чудо, сонува за гол на „Камп Ноу“, максимално е мотивиран за дуелот со шпанскиот гигант. Нов договор? Управата ни даде ветување уште пред извесно време, Елиф и неговото семејство се многу сериозни во желбата да се продолжи соработката. Се надевам дека во следните денови ќе имаме нови вести на оваа тема“, вели италијанскиот агент на Елиф.

Се вчитува...