Елмас стави печат на победата на Наполи, Несторовски конечно заигра за Удинезе

Елиф Елмас и Наполи остануваат во трката за скудетото откако калчолигашот од Неапол стигна до значајна гостинска победа на дербито против Аталанта од 1-3. Меѓу најзаслужните за триумфот е токму Елмас, кој во финишот го постигна третиот погодок за „наполитанците“, рутински крунисувајќи го контранападот што го предводеше Лозано.

Наполи почна одлично, поведувајќи со 0-1 со пеналот на Инсиње што беше направен врз Мертенс, а веднаш потоа постигнувајќи и втор погодок преку Политано, по луцидно изведениот слободен удар на Инсиње. Аталанта во второто полувреме успеа да намали преку Де Рон, но во моментите кога домаќините се отворија во потрага по израмнувачки погодок следеше погодокот на Елмас, кој во манир на голем стрелец го измами домашниот голман во ситуација „еден на еден“.

Удинезе го декласираше Калјари со 5-1, меч на кој Илија Несторовски конечно доби шанса да заигра во Калчо-лигата. Македонскиот напаѓач влезе во игрa во 76. минута на местото на тројниот стрелец Бето, што беше прв настап за Несторовски во Серија А во 2022година.

Се вчитува...