Емери треба да се плаши: Мурињо на вечера со директорот на Арсенал

Жозе Мурињо низ кариерата водеше бројни битки со Арсен Венгер, често знаеше и да го критикува начинот на функционирање на Арсенал, но како што стојат работите португалскиот стратег наскоро би можел да го преземе кормилото на „топчиите“. Не е тајна дека челниците не се задоволни од работата на Унаи Емери, а притисокот врз Шпанецот уште повеќе се зголеми по елиминацијата од лига-купот од тимот преполн со младинци на Ливерпул, надополнет со вчерашното реми против Вулверхемптон.

Арсенал веќе ги разгледува опциите за нов стратег,  а на врвот од листата со желби се наоѓа токму Мурињо. Најдобар доказ за тоа е фактот дека Мурињо во текот на минатата седмица бил на вечера со Раул Салнехи, директор на лондонскиот клуб кој има силно влијание при носењето на одлуките. Средбата се одржала во ресторан во Лондон, а извори блиски до Мурињо за весникот „Тајмс“ потврдиле дека тој се видел со Салнехи, не откривајќи дополнителни информации.

Претходно Мурињо беше поврзуван и со враќање во Реал Мадрид, но Флорентино Перез се уште не се решава за разделба од Зинедин Зидан. Воедно, Португалецот во Арсенал би добил и време да креира свој тим, со влез во Топ 4 зацртан како цел наместо атак на сите трофеи со Реал. Мурињо во изминатиот период истакнуваше дека би сакал да работи во клуб каде ќе добие време за да остави сопствен печат врз екипата, се чини дека Арсенал е идеален за такво нешто во моментов.

Се вчитува...