Енди Мареј со прва победа по пауза од десет месеци

Енди Мареј упорно се обидува да се врати во посакуван ритам на тениските терени, а Британецот денеска има причина за задоволство откако успеа да ја забележи првата победа по пауза од дури десет месеци. Мареј настапува на турнирот во Жухаи во Кина, каде на стартот успеа да слави над Тени Сандгрен од САД со 2-1 во сетови

Мареј го доби првиот сет со 6-3, Сандгрен одговори со триумф во тајбрејкот од вториот сет, но поранешниот светски рекет број 1 одигра извонредно во клучните моменти, славејќи во решавачкиот сет со убедливи 6-1. Ова е трет турнир на кој Мареј учествува по втората операција на колкот, тој загуби во првото коло во Синсинати од Гаске, потоа на стартот во Винстон-Салем токму од Сандгрен, па денешниот триумф е одмазда за тој пораз од американскиот тенисер.

Следен ривал на Енди Мареј во Жухаи ќе биде Алекс де Минаур од Австралија, кој во првото коло лесно го совлада сонародникот Џон Милман со 6-1, 6-3.

Се вчитува...