Најдобриот млад фудбалер на СП 2022 во Катар, Енцо Фернандез, се наоѓа многу блиску до трансфер во Челси откако веќе ги договорил личните услови за преселба на „Стемфорд бриџ“.
За услугите на Фернандез сериозен интерес покажуваа и Ливерпул и Манчестер Јунајтед, но овие два англиски гиганти не се согласија да ја платат сумата од 120 милиони евра на која инсистира Бенфика. Португалците се решени да не го продадат Фернандез освен ако некој не ја активира клаузулата за предвремен раскин во неговиот договор, но на челниците на Бенфика им е јасно дека тоа е лесно остварливо по одличните игри на младиот фудбалер на мундијалот во Катар.
Челниците на Челси делуваат најконкретни во својата офанзива, откако беше обелоденето дека веќе се договорени деталите за договор на пет и пол сезони со самиот фудбалер, а на добар пат е да биде постигнат и договор со Бенфика.
Според одредени информации, Челси е подготвен да плати и над 120 милиони евра, доколку Бенфика се согласи исплатата да тече на неколку годишни рати, наместо еднократна уплата каква што се предвидува со активирањето на клаузулата. Португалците наводно се подготвени на ваков компромис, па се очекува Фернандез да биде големо засилување за лондонскиот клуб за вториот дел од премиерлигашката сезона.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА