ЕП 2024: Франција и Унгарија обезбедија полуфинале

Репрезентациите на Франција и на Унгарија обезбедија пласман во полуфиналето од ракометното ЕП за жени откако овие две селекции денеска стигнаа и до шестата победа во низа. Тие сигурно ќе ги освојат првите две места во својата група, а во меѓусебна пресметка ќе решат која ќе оди во полуфиналето како прво, а која како второпласирана.

Французинките вечерва за противник ја имаа Шведска, триумфирајќи со конечни 31-27. „Триколорите“ целата работа ја завршија уште во првото полувреме што го добија со 19-13, предност што рутински ја одржуваа не дозволувајќи победата во ниту еден момент да им биде доведена во прашање. Голманката Глозер собра 11 успешни интервенции, во нападот најефикасни беа Хорачек и Нзе Минко со по шест гола.

Унгарија со феноменална игра во нападот ја торпедираше Романија со убедливи 37-29. Домаќинките постигнаа 20 поени само во првото полувреме (20-15), за дополнително да ја зголемат предноста во вториот дел за конечни „плус осум“. Клујбер го предводеше унгарскиот состав со десет погодоци, пет постигна Ѓер Лукаш, а интересно е што романската голманка Бјанка Курмен собра 15 интервенции.

Црна Гора се искачи на третото место во оваа група од Главната фаза, откако триумфираше над Полска со 30-28. Мечот беше израмнет до 18-18, по што Црногорките се одлепија, во неколку наврати имаа по четири гола предност за на крајот да слават со „плус два“. Јауковиќ беше најефикасна во победничкиот тим со осум гола, по пет реализираа Грбиќ и Брновиќ, додека Моника Кобилинска со шест погодоци беше прв стрелец на Полска на денешниот натпревар.

Се вчитува...