ЕП во одбојка: Французите ја „збришаа“ Италија, Србите се „потеа“ против Украина

Франција и Србија се последните полуфиналисти на европскиот шампионат во одбојка, откако во денешните четвртфинални пресметки триумфираа против селекциите на Италија, односно Украина.

Понеизвесен се очекуваше да биде мечот меѓу Франција и Италија, но „триколорите“ изненадија со извонредна игра и со максимални 3-0 го збришаа реномираниот противник. „Аѕурите“ освоија само 16 поени во првиот сет, достојно се спротивставија само во вториот дел од мечот (27-25), за во третиот Франција да триумфира со убедливи 25-14.

Србите се соочија со неочекувани проблеми против Украина, со многу мака и пот стигнувајќи до победа од 3-2 во сетови. Украинците имаат за што да жалат бидејќи при водство од 1-0 во сетови прокоцкаа предност од 21-17 во вториот сет. Србите направија пресврт и поведоа со 2-1, Украина израмни на 2-2, но тајбрејкот мина во апсолутна доминација на српските одбојкари, кои триумфираа со конечни 15-9.

Србија и Франција во директна пресметка ќе го одредат патникот во финалето, а во втората полуфинална пресметка ќе се сретнат Словенија и Полска.

Се вчитува...