Епски дебакл на Јунајтед, и тоа од Жозе Мурињо

Манчестер Јунајтед го допре дното со денешното катастрофално издание на дербито со Тотенхем што „црвените ѓаволи“ го загубија со убедливи 1-6. Солскјер следеше немоќно од клупата како ривалите ги декласираат неговите избраници, израмнувајќи го рекордот за најубедлив пораз во последните 20 години, по оној во октомври 2011 година од Манчестер Сити со идентични 1-6.

Интересно, Јунајтед прв поведе на оваа средба откако Фернандеш погоди од пенал по неполни две минути игра. Сепак, катастрофалното издание на одбраната на „црвените ѓаволи“ почна со грешката на Мегваер при израмнувачкиот погодок на Ндомбеле, за веднаш потоа Сон да погоди за 1-2.

Клучен момент на натпреварот беше исклучувањето на Марсијал поради удирање на Ламела, одлука на која Солскјер бурно протестираше тврдејќи дека неговиот фудбалер престрого добил црвен картон. Баи направи катастрофална грешка по која Сон му асистираше на Кејн за третиот гол на Тотенхем, за во второто полувреме „спарси“ да дадат уште три нови погодоци, преку Орие, Сон и Кејн.

Се вчитува...