Менаџерот на Манчестер јунајтед, Ерик тен Хаг последните недели се наоѓа во непријатна позиција. По слабите резултати сезонава и осумте порази во сите натпреварувања, многумина почнаа да ја доведуваат во прашање позицијата на Холанѓанецот на клупата на славниот клуб.
Сепак, островските медиуми пренесуваат дека на негова страна е никој друг туку најуспешниот менаџер во клупската историја, Сер Алекс Фергусон. Се верува дека тој е подготвен да лобира кај челниците на клубот и да побара Тен Хаг да продолжи со работата.
Извори на „Сан“ пренесуваат дека Фергусон од почетокот е на страната на Тен Хаг и дека му се восхитува на сето она што го направи во изминатата година и половина во клубот. Тој е особено импресиониран од тоа како се справи со неколку важни и големи одлуки, како онаа за Кристијано Роналдо.
Шкотланѓанецот смета дека повиците за смена на менаџерот се целосно погрешни и доколку е потребно да се поддржи кај сопственикот на клубот, тој ќе го стори тоа. Се верува дека наскоро Сер Џим Ретклиф, сопственикот на Инеос, ќе купи 25 отсто од акциите и ќе ги преземе фудбалските операции во клубот.
Во тој случај, менаџерот не би бил под негов напад и се верува дека најпрво би работел на засилување на скаутингот и евентуално ангажирање на фудбалски директор, за клубот да биде поуспешен во доведување играчи.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА