Ертел потпиша за Реал Мадрид, за инает на Барселона

Сагата околу трансферот на Томас Ертел од Барселона во Реал Мадрид конечно заврши денеска, откако „кралевите“ го официјализираа ангажманот на францускиот плејмејкер.

Ертел се најде во фокусот на вниманието пред половина година, кога влезе во отворена војна со управата на Барселона, одбивајќи да потпише со Фенербахче во директна размена за Лео Вестерман. Уште тогаш беше најавено дека Французинот има договорено трансфер во Реал, но бесните каталонци го оставија Ертел на аеродромот во Истанбул, одбивајќи да го вратат со остатокот од тимот назад во Барселона.

Војната продолжи и со судски процес во кој плејмејкерот го тужеше клубот, Ертел потоа доби и раскин на договорот со клаузула дека не смее да потпише веднаш со Реал Мадрид, по што тој накратко се врати во татковината настапувајќи за Асвел.

Летово престана да важи клаузулата од заминувањето од Барселона, по што тој и официјално потпиша двогодишен договор со „кралскиот клуб“.

Се вчитува...