Еуро Никел стигна до третата победа во низа откако во 13. коло славеше на гостувањето кај Куманово со 63-72. Кавадарчани беа подобриот протиник во првото полувреме, одолеаа на налетот на кумановци во второто полувреме и сосема заслужено стигнаа до нови два бода.
Еуро Никел успеа да го наметне своето темпо на отварањето на натпреварот и со добриот проток на топката да стигне до отворени обиди кои искусните кошаркари ги реализираа за предност уште од самиот старт. Кумановци не беа расположени во реализацијата, не погодија ниту еден обид за три поени па по 10. минути игра имаа негатива од 11-26. Домаќините до крајот на првото полувреме успеаја да ги консолидираат своите редови, одиграа и подобро во одбраната, но немаа сили за намалување на двоцифрената негатива по 20. минути игра (28-42).
Работите на паркетот се променија на отварањето на второто полувреме во кое пресуди одбраната на Куманово. Домашниот тим дозволи само два поени за нешто повеќе од пет минути игра, а одлично одговори и на спротивната страна па експресно ја врати резултатска неизвеност. Избраниците на Ѓорѓиевски во еден момент имаа и егал (47-47) и напад за водство, но откако не го искористија следеше казна на спротивната страна. Еуро Никел третата четвртина ја заврши со серија од 6-0 за водство од 47-54 пред одлучувачката четвртина. Во неа кавадарчани ја вратија двоцифрената негатива, но не успаја да го сопрат налетот на Куманово. Домашниот тим преку одбраната стигна до лесни поени во транзиција и до ново изедначување (59-59) па повторно имаше и напад за водство, но не го искористи. Во неефикасната четвртина пресудни беа тројките на Планиниќ и Џекиќ со кои Еуро Никел стигна до предност од 61-70, а овој пат Куманово немаше сили за неизвесна завршница.
Џоинер го предводеше Куманово со 19 поени и 7 скока, додека 12 поени и 9 скока додаде Јанески. Дабл-дабл од 15 поени и 12 скока забележа Планиниќ, 14 поени дополни Стојановски, а како двоцифрени со 11, односно 10 поени мечот го завршија Џекиќ и Младеновиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА