Еуро Никел на искуство до победа во Скопје против Феникс 2010

Еуро Никел стигна до четвртата победа во Првата лига откако на отварањето на 6. коло славеше на гостувањето кај Феникс 2010 со 78-83. Високата реализација за три поени (9/14) во првото полувреме донесе комотна предност за кавадарчани уште од самиот почеток, истата ја одржуваа во поголемиот дел од истиот, но до победа стигнаа со тројката на Соколов на 20. секунди пред крајот.

Домаќинот се мачеше во реализацијата на отварањето на натпреварот, а тоа го искористи Еуро Никел кој стигна до отворени обиди, го имаше и расположениот Лука Стојановски зад линијата 6,75 па рано ја превзема иницијатива. Гостите во еден момент поведоа со 6-13, но со поените од втора шанса и транзиција Феникс 2010 не дозволи двоцифрена негатива, а успеа да намали на 12-17 по 10. минути игра. Гостите продолжија да го контролираат мечот и во втората четвртина, добрата одбрана ги спречи лесните поени, а високата реализација за три поени на спротивната страна донесе предност од 23-33. “Виолетово-жолтите” одговорија со зонска одбрана која вроди плод и го сопреа нападот на противникот, а до крајот на првото полувреме најдоа и решение преку бековите па намалија на 35-41.

Еуро Никел одолеа на налетот на домаќинот на отварањето на второто полувреме и преку играта во рекетот и поените од втора шанса ја врати двоцифрената предност на своја страна (39-52). Избраниците на Дервишевиќ навремено ги консолидираа своите редови и со агресивната одбрана успеаја да го натераат противникот на изгубени топки, но и кавадарчани продолжија со добрата одбрана на спротивната страна па ја задржаа високата предност (48-58) пред одлучувачките десет минути. Во неа избраниците на Самарџиев стигнаа и до највисоката предност од 50-65, а умешно ја одржуваа истата до четири минути пред крајот. Сепак домаќините не се предадоа, со пресингот по цел терен успеаја да направат серија и стигнаа до изедначување од 76-76, имаа егал до последните 30. секунди, но пресуди тројката на Соколов по која Феникс 2010 не успеа да стигне до ново изедначување.

Младеновиќ со 27 поени беше најдобар поединец во таборот на победникот, додека кај поразените Бојан Трајковски уфрли 24 поени.

Се вчитува...