Еурофарм на крилјата на Филип Кузмановски ја освои Автокоманда (25-32)

Еурофарм Работник ја освои Автокоманда, победувајќи во второто коло од Суперлигата на гостински терен против Металург со убедливи 25-32 (12-13). Низ одличен натпревар во дербито на колото, битолчани сосема заслужено стигнаа до победата доминирајќи со играта, пред се во второто полувреме.

Натпреварот стартуваше со гол за гол на двете страни. Голманите и на Металург и на Еурофарм Работник доминираа на почетокот на дуелот, за да гостите дојдат до првата позабележителна предност во 24. минута кога дојде до три гола разлика (8-11).

До крајот на првото полувреме, Металург сепак успеа да ја намали предноста и да дојде до 12-13.

Второто полувреме почна со далеку поагресивна игра на битолчани кои доминираа на паркетот. Во 38. минута, Еурофарм за првпат на мечот со голот на Филип Кузмановски дојде и до плус четири, а во 45. минута имаше и пет гола предност (22-27).

До крајот, ракометарите на Стевче Алушовски само рутински ја одржуваа предноста на крајот и дополнително зголемувајќи за конечни 25-32.

До триумфот на гостите предводеше поранешниот ракометар на Металург, Филип Кузмановски со седум гола, а исто толку постигна и Милан Ѓукиќ. Кај Металург со седум погодоци мечот го заврши Танковски.

За Еурофарм Работник ова е прва победа во Суперлигата, а Металург по победата на стартот во вториот свој натпревар го запиша и првиот пораз во Суперлигата.

Се вчитува...