Еурофарм Пелистер е веќе минато, Вардар максимално против Веспрем

Ракометниот шампион на Македонија, Вардар по поразот во вечното дерби од Еурофарм Пелистер, денеска го очекува нов голем предизвик, овој пат во Лигата на шампионите каде во осминафиналето ќе го пречека унгарскиот Веспрем.

Тренерот на „црвено-црните“, Давид Дејвис пред натпреварот истакна дека добро ги познава играчите на Веспрем и знае дека се работи за многу добри индивидуалци…

„Добро ги познавам бидејќи бев тренер во оваа екипа. Сепак, тие се многу силен тим со многу добри индивидуалци. Имаат неверојатен голман во Коралес кој е втор најдобар голман годинава во Лигата на шампионите. Веспрем е фаворит, но ние играме дома, а кога Вардар игра дома секогаш се бори. Само победа од  овој меч ни е во мислите“, рече предводникот на Вардарци.

Тој вели дека ова ќе биде сосема различен меч од тој со Пелистер…

„Ова е различен меч од тоа со Пелистер. Знаеме дека има разлика кога се игра домашно првенство и кога се игра лига на шампиони, и не може да се споредуваат тие две натпреварувања. Нема време да мислиме за Пелистер, туку мора да се насочиме на Веспрем. Мора да бидеме добри во одбрана во текот на сите 60 минути и да им помогнеме на голманите. Не смееме да правиме грешки во напад и тоа ке биде тајна на успехот“, изјави Дејвис.

Крилото Гоце Георгиевски се сложува со својот тренер…

„Добро познат противник. Сите знаеме дека Веспрем е многу квалитетен тим. Се подготвувавме овие неколку дена колку што можевме за нив. Ги повикувам сите да ни дадат поддршка бидејќи ќе ни биде многу потребна. Ќе гледаме да испочитуваме се што бара тренерот од нас. Ако успееме тоа да го пренесеме на теренот, големи се шансите да имаме позитивен резултат. Некогаш и пет гола не се доволни, а некогаш и еден е доволен. Така да не мора да значи ниту една предност од првиот меч.“, изјави Георгиевски.

Натпреварот кој ќе се игра во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје е закажан за 18.45 часот. Претходно, од 16 часот ракометниот шампион на Македонија отвора фан-зона за сите навивачи.

Се вчитува...