Еурофарм Пелистер сака победа против Татабања во Битола

Ракометарите на Еурофарм Пелистер денеска во Битола ќе ја пречекаат унгарска Татабања во 4. коло од второто по ранг континентално клупско натпреварување, Лигата на Европа. По првите три натпревари „зелено-белите“ имаат учинок од една победа, едно реми и еден пораз, а мечот против Татабања е шанса за втор триумф сезонава.

Крилото на „зелено-белите“, Гоце Ојлески очекува тежок и тврд натпревар, но верува дека формата на Еурофарм Пелисте е во нагорна линија и дека ќе стигнат до победа на мечот.

„Добро се познаваме со Татабања, минатата сезона одигравме неколку натпревари. Со доаѓањето на Ѓукиќ во тимот владее позитивна енергија, играат подобро од претходните и тоа е голем плус за нив. Убаво е кога се победува, особено на гостински терен. Нашата форма оди во нагорна линија, одлично се подготвуваме, играме добро и нема зошто да не веруваме дека ќе победиме на овој меч. Свесни сме дека нè очекува тврд и тежок натпревар, против цврста екипа со добри голмани, но пак ќе речам сите веруваме во победа“, рече искусниот Ојлески.

Натпреварот во арената „Боро Чурлевски“ во Битола е со почеток во 18.45 часот.

Се вчитува...