Еурофарм Работник пред норвешки предизвик

Европско четвртфинале во дебитантската сезона е она што го посакуваат во Еурофарм Работник по презимувањето во Европа и претстојната осминафинална пресметка со норевешкиот Филинген Берген во Челинџ купот. Првиот натпревар, македонскиот претставник го игра денеска (19 ч.) на домашен терен во салата „Младост“ во Битола. Тренерот Илија Темелковски и ракометарите на Еурофарм Работник се надеваат дека со поддршка од публиката може достојно да одговорат на скандинавскиот предизвик и да стигнат до историски успех за клубот.

„Филинген Берген е типично скандинавски тим. Многу трчаат, сакаат брза игра и лесни голови. Треба да игра позициона игра против нив и да се обидеме да ги сопреме. Ги повикувам гледачите и ракометна Битола да ни помогнат да дојдеме до четвртфиналето“ – вели тренерот Илија Темелковски.

Верба во подготвеноста на својот тим и во битолската публика во пресрет на дуелот со Берген изрази и капитенот Игор Трајковски.

Ја анализиравме играта на противникот и подготвени сем за првиот натпревар во Битола. Како капитен верувам во екипата и се надевам дека публиката ќе ни даде поддршка да оствариме предност пред реваншот“ – рече Трајковски.

Во подготовките пред осминафиналето во Челинџ купот, Еурофарм Работник одигра два контролни натпревари со Пелистер. На другата страна, Филинген Берген пак  во последната проверка пред гостувањето во Битола беше поразен од Арендал (31-35) во натпреварот од норвешката лига.

Се вчитува...