Евертон ја пропушти првата „меч-топка“ за опстанок

Евертон загуби на домашен терен од Брентфорд со 2-3, пропуштајќи идеална можност да им побегне на Барнли и на Лидс и да го осигура опстанокот во елитното друштво.

„Карамелите“ имаат за што да жалат, откако први поведоа на овој меч преку Ришарлисон. Сепак, клучен момент беше црвениот картон што го заработи Бреитвајт во18. минута од натпреварот, оставајќи го својот тим на цедило. Брентфорд израмни на 1-1, но Евертон стигна и до втор погодок пред крајот на полувремето, но тоа беше се што избраниците на Лампард успеаја да сторат.

Пресвртот се случи во рок од само три минути, најпрвин Виса израмни на 2-2, пред Хенри да го донесе Брентфорд во водство, за вкупно 13. победа на овој тим оваа сезона во Премиер-лигата. Фрустрациите на домашните фудбалери кулминираа во 88. минута, кога „карамелите“ останаа со девет играчи по црвениот картон што го заработи Рондон, само четири минути по влегувањето во игра.

Евертон останува на 16. место на табелата со 36 бода, еден повеќе од Лидс и два повеќе во однос на Барнли, со тоа што Лидс има одиграно и меч повеќе од останатите два ривали во битката за опстанок.

Се вчитува...