Евертон конечно избра – Алардајс нов “шеф“ на „Гудисон парк“

Повеќе од еден месец им беше потребно на челниците на Евертон да најдат нов менаџер, откако на 23 октомври го отпуштија Роналд Куман, а неговиот привремен наследник Дејвид Ансворт бележеше очајни резултати како предводник на „карамелите“. Конечно, изборот падна врз поранешниот англиски селектор Сем Алардајс, кој ги договорил сите детали и во следните 24 часа и официјално ќе потпише договор како предводник на „карамелите“.

Потрагата се одолговлечи поради инсистирањето на Евертон на ангажман на Португалецот Марко Силва од Ватфорд. Сепак, лондонскиот клуб не сакаше ни да чуе за разделба од својот стратег, па Евертон по неколку неуспешни понуди на крајот мораше да се откаже и вниманието да го насочи кон Алардајс.

Иако претходно објави дека се повлекува од тренерски ангажмани, поранешниот стратег на Кристал палас сепак се премисли и ја прифати понудата на Евертон. Тој нема да го води тимот на утрешниот дуел со Вест хем, а се очекува в четврток да го води својот прв тренинг во новиот клуб.

Евертон моментно се наоѓа на 16. место на табелата, со само два бода повеќе од Вест хем на 18. позиција, место на табелата што значи преселба во Чемпионшип-дивизијата.

Се вчитува...