Евгениј Новак: Жал ми е што правдата со Вардар морав да ја барам пред ФИФА…, верувам дека клубот повторно ќе сјае како порано

Без сомнение, на прсти може да се избројат странците кои оставиле вистинска трага во историјата на Вардар, погледнато и од фудбалски аспект и преку оној човечки потенцијал кој во себе го носат. Еден од нив, сигурно, и Украинецот Евгениј Новак кој пет години беше незаменлива алка во црвено-црните редови, и низ нивните најславни денови со учеството во Лигата на Европа, но и низ 2019 и 2020 година кога одлучи да остане и покрај тоа што како странец месеци и години не добиваше ниту денар од клубот.

На крајот, трпението попушти, минатата година замина од Вардар а правдата беше принуден да ја бара пред ФИФА која пресуди во негова корист. „Црвено-црните“ добија од ФИФА казна со забрана за реализација на трансфери, а мора комплетно да ги исплатат долговите кон Новак, кој во интервјуто за ЕКИПА потенцира дека очекува наскоро средување на целата ситуација и повторно враќање на Вардар во сиот негов сјај.

* Верувам дека ја следиш ситуацијата со Вардар. Како ја оценуваш моменталната ситуација во клубот? Дали можеше да се очекува еден ваков финансиски колапс во клубот?

„Секако ја следам ситуацијата во Вардар. Пет години бев дел од клубот, и имам навистина прекрасни спомени од Вардар, Скопје и Македонија. Имам голем број пријатели и меѓу Комитите со кои и сега се допишувам и добивам информации за ситуацијата во клубот. Искрено да кажам не очекував дека ќе биде доведен до ваква ситуација, но верувам дека еден така голем клуб за кратко време повторно ќе се врати со сиот свој сјај, и по еден таков тежок период ќе биде уште поголем. Затоа што секој клуб во својата историја има свои црни денови, но Вардар кој за Македонија секако е клуб како што се Динамо Киев или Шахтјор за Украина, ќе знае како да се врати уште посилен од оваа ситуација.“

* Го доби спорот со Вардар пред ФИФА по тужбата за нерегулирани финансиски обврски кон тебе, по што клубот доби забрана за трансфери. Дали имаше контакти со раководството, обиди да се најде претходно заедничко решение? Дали претходно имаше ветувања од раководството и сопственикот Самсоненко дека ќе ти се исплатат парите?

„Цела македонска јавност знае дека проблемите во Вардар почнаа пред две години, и имаше навистина огромно трпение за целата ситуација од страна на сите фудбалери. Најодговорно тврдам дека сите играчи беа максимално посветени на клубот, затоа што го сакаа од срце, и од срце игравме за црвено-црните бои. И што е најважно верувавме на раководството на нивните зборови, затоа што јас сум таков човек – ако јас ветам нешто категорично тогаш се држам до мојот збор. Но, не било со сите така. И имав изминатиот период контакти со лица од раководството, кои не би ги именувал, за да најдеме решение, но тие не одржаа ниту еден свој збор, па, за жал, бев принуден правдата да ја барам пред ФИФА која донесе одлука Вардар да добие казна за забрана на трансфери се додека не ги подмири долговите кон мене. Јас, сепак, и силно верувам дека оние со кои се договоривме ќе ги исполнат обврските кон нас за краток период, набрзо ќе се расчистат долговите и Вардар ќе успее да ја надмине кризата. Затоа што, сега е казната со трансфери, но ако не се реши проблемот со долговите потоа ќе следи и забрана за европски настапи и дополнителни казни. А, силно верувам дека нема да се дозволи тоа“.

* Дали си можеби разочаран од односот на ФК Вардар и непочитувањето на договорот кон тебе, затоа што пет години беше дел од Вардар и тоа во време на неговите најголеми успеси?

„Можеби не разочаран, но може да кажам дека се чувствував некако непријатно кога луѓето те гледаат во очи и те лажат. Не ми беше мило кога постојано ми викаат ајде почекај да го добиеш тоа што ти следи до утре, па следниот месец, па за три месеци, па минува и година и не добиваш ништо. Па, и трпението има крај, па затоа, повторно ќе нагласам, морав правата да ги барам преку ФИФА и УЕФА“.

* Дали некогаш, како странец во Македонија, си бил изненаден што голем број стопанственици, бизнисмени, не сакаат да се вклучат со финансирање на фудбалските клубови?

„Да, и тоа прашање многу пати сум си го поставувал. Знам дека во Македонија има голем број бизнисмени, стопанственици кои имаат финансии да инвестираат во фудбалот. Не ми е јасно зарем не разбираат тие луѓе дека преку фудбалот може да бидат национални херои, а на крајот и добро да заработуваат. Во секој случај мислам дека заедно со Град Скопје наскоро ќе се најде вистинско решение за клубот“.

БРАВО ЗА КОМИТИТЕ – НА СОИГРАЧИТЕ ВО КОЛОС ГОРДО ИМ ПОКАЖУВАМ КАКО ВАРДАР ПРОДАЛ 30.000 БИЛЕТИ ЗА ДОМАШЕН НАТПРЕВАР ВО ВРЕМЕ НА ПАНДЕМИЈА

* Ете, „Комитите“ сега ги прават најголемите акции за спас на Вардар….

„Може да кажам само едно големо браво за Комитите кои стартуваа една таква акција за продажба на билети за спас на Вардар, но и за сите напори изминатиов период што ги прават за да му помогнат на клубот. Но, браво и за сите оние лица кои се вклучија со поддршка на акцијата, затоа што не е никаква мала работа да се продадат повеќе од 30.000 билети. И поради сето тоа јас сум горд што бев дел од вардаровото семејство. Горд сум и на акцијата на Комитите па тука во Украина на сите мои блиски и на соиграчите од Колос им покажувам како во Македонија, Вардар распродаде цел стадион за еден натпревар иако луѓето не може да дојдат на стадион. Тоа покажува колку и во минатото менаџментот можеше да активира некакви акции и да се обезбедуваат средства за Вардар“.

* Како сега се чувствуваш во редовите на Колос?

„Добро се чувствувам во Колос. Дел од соиграчите и претходно ги познавав, имаме добар тим и стручен штаб, навистина позитивна атмосфера. Клубот е млад но веќе има успеси и на домашната и на интернационалната сцена“.

* Украинското првенство е реално далеку поквалитетно од македонското. Но, дали од оние некои македонски фудбалери кои ги знаеш, во Македонија има млади фудбалери кои би можеле да играат во Украина?

„Може слободно да кажам дека македонските фудбалери се индивидуално многу силни. Во суштина добро е познато дека на Балканот, Србија, Хрватска и Македонија има навистина одлични фудбалери. Украинското првенство е можеби посилно од македонското, има одлични фудбалски школи но разликата е само во организацијата, професионалноста на тимовите и подобрата инфраструктура, а не во индивидуалниот квалитет. Во Македонија и тоа како има млади фудбалери кои секогаш би можеле, со својот квалитет да играат во Украина. И во Вардар, многу добро знам, какви млади одлични таленти имаше од Академијата кои тренираа и со нас. И не само во украинско првенство, видов многу млади фудбалери во Вардар кои може да играат секаде во Европа“.

Се вчитува...