Евролига: Химки „скрпи“ тим, Зенит не ни тргна на пат за Шпанија

По само две одиграни кола се појавија и првите огромни проблеми за Евролигата откако тимот на Зенит воопшто не отпатува за Шпанија, каде денеска требаше да му гостува на тимот на Басконија. Рускиот тим извонредно ја почна сезоната со победи над Ефес и над Барселона, но во меѓувреме дојде до масовна зараза на коронавирус во редовите на Зенит, откако осум играчи беа позитивни на Covid-19, заедно со првиот тренер Чави Пасквал.

Челниците на Зенит уште вчера објавија дека нема патуваат бидејќи стравуваат до нови случаи, по што заразените би морале да останат уште две седмици во изолација во Шпанија, а одлуката ја потврди и Евролигата, обелоденувајќи дека се покренува постапка против овој клуб согласно здравствените протоколи што беа усвоени од сите клубови пред почетокот на сезоната. Ова значи дека Зенит ќе го загуби натпреварот со службени 20-0, а лесно може истото да се случи и со следниот натпревар што рускиот клуб треба в четврток да го игра повторно во Шпанија, во Валенсија.

За разлика од Зенит, тимот на Химки успеа да состави тим и најавено е дека денеска ќе тргне на пат за Шпанија, каде утре треба да се сретне со Реал Мадрид. Химки на последниот меч против Жалгирис имаше само осум кошаркари во ростерот, меѓу нив и повредениот Бертанс, а состојбата не е подобрена ниту во пресрет на утрешниот дуел. Сепак, рускиот клуб донел одлука да патува за Шпанија и да се обиде на терен да го изненади големиот фаворит, без оглед на фактот што тоа со преполовен состав ќе значи и „невозможна мисија“ во Мадрид.

Се вчитува...