Евролига или НБА – Мициќ ја реши дилемата

Василије Мициќ ќе игра уште една година во дресот на Анадолу Ефес, откако српскиот плејмејкер по долго размислување реши да го одложи заминувањето во НБА-лигата. Неколку НБА-тимови покажаа интерес за одличниот плејмејкер пред неколку месеци, но паузата поради коронавирусот ја промени целокупната ситуација, особено по последните најави дека се уште е неизвесно дали и кога би можел да стартува новиот НБА-шампионат.

Во една таква ситуација, Мициќ денеска го извести раководството на Ефес дека планира да ја одработи и последната сезона од актуелниот договор со турскиот гигант. Србинот се наметна како еден од клучните играчи во тимот на тренерот Атаман и по неговото останување, заедно со новиот договор што го потпиша Шејн Ларкин, Ефес дефинитивно повторно ќе биде меѓу главните кандидати за титулата во Евролигата.

Филаделфија е тимот што ги има првите права врз Мициќ во НБА, откако го избра српскиот репрезентативец како 52. пик на драфтот во 2014 година.

Се вчитува...